Како е да се биде модел

По веста дека група манекенки ќе ги тужат своите поранешни агенции, заради најразлични форми на малтретирање, Миранда Фрум седнува да пишува за нејзиното искуство како манекенка.

Манекенките тврдат дека поранешните агенции (меѓу кои се Вилхелмина, Елит, Клик, Талент Мајами, Некст, МЦ2 Модел, Мејџор Модел Менаџмент) без дозвола ги користеле нивните фотографии, поддржувале сексуално малтретирање, и им вршеле притисок да прават хируршки корекции - што меѓу другото кај нив довело и до проблеми во исхраната.

Фрум иако скептична, сепак им дава поддршка на девојките што ја поднесуваат тужбата, притоа објаснувајќи дека "главната грижа е што индустријата продолжува по старо - оцрнувајќи го карактерот на овие жени, како што најчесто прават кога некоја храбра ќе проговори."

"Дел од она што ги спречува моделите да се отворат е стравот: стравот од реперкусии, стравот од губење работа, стравот да не ги сметаат за 'кодоши' или 'проблематични.'

И како и во секоја манипулативна врска, и тука постои страв дека не си во право. Можеби ова што ми се случува мене е нормално, можеби ужасното искуство никогаш не се случило и јас само сум го замислувала. Можеби јас сум проблематична што толку барам," пишува Фрум.

Таа смета дека денес, пред се заради социјалните медиуми, за моделите е далеку полесно да соберат вакви стории или да побараат помош од некој со слично искуство.

Фрум го опишува своето искуство, кога заради желбата повеќе да работи во Тел Авив, одлучува да ја смени агенцијата и да најде локален менаџер што ќе ја застапува.

"Мојата претходна агенција ми ги задржуваше исплатите, не ме промовираше, и ми се закани со одмазда кога се пожалив. Мојот претходен менаџер вети дека никогаш повторно нема да работам во градот, и дека ќе им се јави на моите родители за да им бара пари за кои тој погрешно беше уверен дека му ги должам.

Во прво време сакав да ги заменам со една локална бутик агенција во која работеа двајца мои пријатели. Ги распрашав за нивните искуства.

Едниот, американски машки модел кој работел меѓународно, ми кажа дека никогаш не му било платено. Тој доста работел на локалниот пазар, и финансиски одлично минал, и неколку месеци по заминувањето од земјата морал да се закани со тужба за да си ги наплати парите што му ги должеле. Втората, девојка која работела за истата агенција, ми раскажа слична приказна.

Кога ги поставив овие прашања во агенцијата, и дали е точно тоа што го кажуваат, тие ги нападнаа моите пријатели дека се лажговци и лузери. Ми рекоа веднаш а се појавам во агенцијата, и сè лице в лице да расчистиме.

Од искуство знаев ова што значи: малтретирање во живо за да нема никаков запис или трага на меил," објаснува Фрум.

Иако има одредени работи што се речиси прифатливи во фелата, долги работни денови, уште подолги периоди на чекање, она што "не може да се прифати е неисплаќање на заработените пари."

Како пример за стандардна пракса во индустријата која е речиси прифатена од моделите како дел од работата е нивното сместување во странство. Фрум раскажува за ситуацијата додека работела за агенција во Милано "која сите девојки ги лоцира во еден тажен стан на околу еден час со метро од центарот на градот."

"Во студио за еден или двајца, агенцијата имаше набутано 5 или 6 кревети.

Немаше греење (иако беше сред ноември), немаше чисти крпи, а постелнините беа со прашина. Цимерки ми беа две 15-годишни Украинки кои швајцуваа цигари мамурни од излегувањето претходната вечер.

Тие се изненадија кога влегов. Тие немаа претстава дека ќе имаат нова цимерка. Ова не е ништо чудно, понекогаш агенциите сметаат дека нема потреба да им кажуваат на девојките за промените во станот.

Доколку девојка побара дополнителна постелнина, соодветно греење, пегла за алишта или некои други основни работи на современиот живот, агенцијата ќе глуми изненаденост," пишува Фрум.

Без разлика колку било лошо во Милано, тоа не може да се спореди со ужасното искуство од работењето во Париз:

"Платата не е ништо посебна освен ако не си на самиот врв, а од таму надолу хонорарите имаат вртоглав пад.

Фитнес клубовите во Париз се скапи. Членството е неопходно за моделите - освен секако ако ти е во ред младите девојки да 'постат' за да избегнат зголемување на килажата - тие мора да најдат креативни начини за да покривање на трошоците.

Така на пример организациите нудат 'бесплатно' членство во фитнес клубови, во замена за 'појавување' на вечерни активности (на пример барови и ноќни клубови). Во четвртоците, на пример, си на вечера на едно место, на коктел на друго, а потоа во ноќен клуб. Сосема друг распоред имаш за петок и сабота.

Без разлика дали моделот има или нема моден ангажман во четврток, петок или сабота наутро, нејзините појавувања низ ноќниот живот се задолжителни, за тоа нема разговор.

На некои им се допаѓа оваа рутина, барем на почетокот. Меѓутоа истоштувачки е - и свесно става многу млади девојки, од кои дел легално се малолетнички, во крајно ранливи ситуации. Девојките се под притисок да бидат на иста маса со промотерите, каде се преплавени од огромни количества алкохол.

На крај ме отпуштија од мојата агенција во Париз. Ми дадоа предупредување помалку од еден ден - ми се јавија од главната агенција додека бев на ревија за да ми кажат дека сум изгледала 'стара и уморна' и дека очекуваат да го напуштам мојот апартман уште дента.

Кога ги побарав заостанатите плати, ми рекоа дека тие се одбиени за трошоците за кирија, која ја наплаќаат по три пати повисока цена од просечните станови во тивката населба вон Париз."

27 мај 2016 - 16:24