Фудбалерот што не стави булка

По повод денот на сеќавањето (11-ти ноември), сите фудбалери во англиските лиги, како и остатокот од земјата, на своите дресови ставаат црвена булка во знак на сеќавање на сите загинати британски војници. На годинешното одбележување, еден фудбалер одби да стави булка. Пред јавноста да побара линч тој ги објасни своите причини.

Пред гостувањето во петокот против Болтон, играчот на Виган, Џејмс МекКлин, му напиша писмо на сопственикот на клубот во кое ги објаснува своите причини за не носење булка.

25-годишниот репрезентативец на Ирска е роден во Дери, Северна Ирска, и вечерта беше исвиркуван на секој контакт со топката.

Неговото објаснување е дека тој има "комплетна почит" за оние кои се бореле во Светските војни, ама булката "доби сосема поинакво значење" во годините по војните.

Писмото од МекКлин до претседателот на Виган, Дејв Вилан:

Драг г-дин Вилан

Сакав да ви пишам пред да зборувам со вас лице в лице и да ги објаснам моите причини за тоа што нема да носам булка на мојот дрес на натпреварот во Болтон.

Имам комплетна почит за оние кои се бореа и загинаа во двете Светски војни - многумина од нив знам дека се со ирско потекло. Ми имаат кажано дека и вашиот дедо Педи Вилан, од Типерариј, е еден од нив.

Ја жалам нивната смрт како и на секоја друга пристојна личност и ако булката беше симбол само за изгубените души до Првата и Втората Светска војна, тогаш и јас ќе ставев.

Сакам ова да ви биде 100% јасно. Мора да го разберете ова.

Меѓутоа булката се користи и за сеќавање на жртвите од другите конфликти по 1945-та, и тука почнува мојот проблем.

За луѓето од Северна Ирска како што сум јас, и посебно оние од Дери, местото на масакрот од Крвавата недела во 1972-ра, булката има сосема поинакво значење. Ве молам разберете г-дин Вилан, дека кога некој доаѓа од Криган како мене или од Богсајд, Брендивел или каде и да е во Дери, тој се' уште живее во сенката на еден од најмрачните денови на Ирската историја - дури и ако како мене си роден речиси 20 години по настанот. Тоа едноставно е дел од она што сме, интегрирано е во нас уште од раѓање.

Г-дин Вилан, јас да носам булка би бил подеднаков гест на непочитување на недолжните луѓе кои го изгубија својот живот во Судирот во Северна Ирска - и посебно во Крвавата недела - колку што и во минатото бев обвинет за непочитување на жртвите од Првата и Втората Светска војна.

Ова би претставувало акт на непочитување кон овие луѓе; кон моите луѓе.

Јас не поттикнувам војна, ниту сум анти-британски настроен, или терорист или кое и да е обвинение што во минатото ми го натураа. Јас сум мирољубив човек, јас верувам дека сите треба да живеат рамо да рамо, без разлика на нивните религиозни или политички верувања, кои ги почитувам и барам од луѓето за возврат да ги почитуваат и моите. Од минатата година јас сум татко и јас сакам ќерка ми да расте во мирен свет, како кој било родител.

Јас сум многу горд на тоа од каде доаѓам и едноставно не можам да направам нешто за кое верувам дека е погрешно. Во животот, ако си маж тогаш треба да стоиш зад она во што веруваш.

Знам дека може нема да се согласите со моите чувства, но многу се надевам дека ќе ги разберете моите причини.

Како сопственик на клубот за кој сум горд што играм, верувам дека вам и на публиката на клубот ви го должам ова објаснување.

Искрено ваш,
Џејмс МекКлин

10 ноември 2014 - 10:20