Дали стварно канселираа и зачин?

Амстердам ќе менува име на улица кое носи име на морско оревче затоа што тоа, морското оревче, имало колонијалистички конотации. Глупи Грци, можеа да бараат со Преспански да ни се забрани и тоа име, да речеме затоа што употребата на терминот МОРСКО оревче сугерира дека имаме територијални претензии. Нема што немаше да прифатиме во таа фасцинантна капитулација. 

Изминатите неколку години, во име на зголемување на свеста за колонијалните истории или расистичките конотации на одредени имиња, се преименуваа знаменитости и се уриваа статуи. Откако „Black Lives Matter“ стана трендовско движење по смртта на Џорџ Флојд во 2020 година, почна отстранување споменици и преименување улици и училишта поврзани со личности од минатото, вклучени во ропство и колонијална експлоатација, расизам, сексизам, мексизам...

Во Англија, „Black Boy Street“ беше преименувана во „La Rose Lane“, во САД паднаа имиња и статуи на низа конфедерални генерали и државници поврзани со ропството.

Амстердам сака да е уште понапред.

На улица во еден нов резиденцијален кварт ќе го менува планираното име „Nootmuskaatstraat“ („Улицата на морско оревче“), поради блиските врски на зачинот со колонијалното минато на земјата. Тоа е прва кампања која не таргетира поединец туку конкретен производ, тоест зачин (овдешните „активисти“ до кога ќе толерираат црн бибер?).

Во објаснувањето се наведува дека трговијата со морско оревче била многу битна за некогашниот холандски трговски гигант од ерата на колонијализмот.

Дури и амстердамските прогресивци сметаат дека ова е „премногу разбудено“, пренесува Ворлдкранч.

По ново, улицата ќе се вика „Улицата на ренот.“ Дур не му најдат некој идеолошки баласт и на лутиот корен.

24 јануари 2024 - 12:12