Популизмот е резултат на глобалниот економски неуспех

Политичкиот револт е неизбежен во свет каде вработените се робови за плата, а шефовите супер богати, пишува Лари Елиот во Гардијан.

Растот на популизмот го потресе глобалниот политички естаблишмент. Брегзит исто така беше шок, како и победата на Доналд Трамп. Најголемиот дел од нејаснотијата резултираше со лидери кои се во потрага по објаснување зошто огромни делови од нивниот електорат се чувствуваат толку измамено.

Одговорот изгледа прилично едноставен. Популизмот е резултат на економскиот неуспех. 10-те години од финансиската криза покажаа дека системот на економско управување кој се клатеше во последните 4 децении сега е комплетно распаднат. Некои го викаат овој пристап нео-либерализам. Можеби подобар опис би бил непопулизам.

Непопулизам значи изместување на балансот на моќта во корист на менаџментот и третирање на луѓето како робови за плата. Непопулизмот беше создаден да осигура дека плодовите од растот нема да отидат кај мнозинството. Непопулизмот одлучи дека оние што беа одговорни за глобалната финансиска криза се извадија, додека оние кои беа невини го носеа товарот на штедењето.

Секој што се обидува да разбере зошто Трамп победи на претседателските избори во САД треба да погледне што се случува со поделбата на економските придобивки. Уделот на националниот приход што оди за долните 90% од популацијата стабилно се одржува на околу 66% во периодот од 1950 до 1980. Тогаш започна остар пад, за на почетокот од финансиската криза во 2007, овие 90% од популацијата да имаат удел од нешто над 50%.

Слично, повеќе не сите имаат бенефит кога и оди добро на американската економија. За време на подемот на бизнис циклусот меѓу 1961 и 1969, долните 90% од Американците добија 67% од вкупното зголемување на приходите. Во експанзијата од времето на Реган, две децении подоцна, тие земаа 20%. За време на хипотекарниот балон на Гринспан тие заработија само 2 дополнителни центи на секој долар плус од генерираниот национален приход, додека најбогатите 10% ги земаа останатите.

Американскиот економист Томас Палеј вели дека се до крајот на 1970-те земјите водат доблесен модел на раст во кој платите се погонот на растот на побарувачката.

"Растот на продуктивноста доведе до раст на платите што пак доведе до раст на побарувачката. Ова промовираше целосна вработеност која даде иницијатива за инвестирање, што доведе до дополнително зголемување на продуктивноста," објаснува Палеј.

Непопулизмот беше промовиран како лек за наводно пропаднатите политики на пост-воената ера. Тој ветуваше поголеми стапки на раст, уште повисоки стапки на инвестиции, поголема продуктивност и ефект на претекување на приходите од богатите за сиромашните. Тој не испорача ниту една од овие работи.

Џејмс Монтиер и Филип Пилкингтон од глобалната инвестициска компанија ГМО, велат дека системот кој се појави во 1970-те се карактеризира со четири значителни економски политики: напуштање на целосното вработување и негова замена со таргетирање на инфлацијата; раст на глобализацијата во протокот на луѓе, капитал и трговија; фокусирање на максимизирање на користа на акционерите наместо на реинвестициите и растот; и трка по флексибилен пазар на трудот и расцеп на синдикатите и работничките организации.

Да го земеме само последниот од овие четири столбови, идејата е дека синдикатите и минималните плати се препрека за ефикасен пазар на трудот. Колективниот договор и задолжителни нивоа на плата би резултирале во тоа работниците да бидат платени повеќе од пазарната стапка, што ќе доведе и до неизбежно зголемување на невработеноста.

Непопулизмот проповедаше дека вистинската вредност на минималната плата во САД треба да еродира. Меѓутоа невработеноста е поголема отколку во времето кога минималната плата беше поголема. Ниту пак има корелација меѓу членството во синдикатите и невработеноста. Напротив, меѓународните споредби покажуваат дека земјите со поголем број на синдикати имаат многу пониска стапка на невработеност. Земјите што имаат повисоки минимални плати немаат повисока стапка на невработеност.

"Флексибилност на пазарот на трудот може да звучи привлечно, ама се базира на теоријата која е комплетно спротивна на сите докази што ги имаме.

Алтернативната теорија покажува дека флексибилноста на пазарот на труд во ниту една смисла не е пожелна бидејќи резултира во економија која нема наклоност кон стагнирање што може да одржи само високи стапки на вработеност и економски раст преку должнички балон кој неизбежно ќе пукне, и ќе доведе до повторно паѓање на економијата во стагнација," забележуваат Монтиер и Пилкингтон.

Потрагата по што е можно поголема флексибилност на пазарот имаше некои неочекувани последици. Законот во Британија за даночно олеснување брзо се рашири кога компаниите сфатија дека тие би можеле да плаќаат ниски плати и да ја остават државата да го покрие остатокот. Пристап до глобалната понуда на евтина работна сила значеше дека постои помал поттик за инвестирање во опрема за подобрување на продуктивноста.

Амбисно ниските нивоа на раст на продуктивноста од почетокот на кризата го поттикнаа верувањето дека ова е нов феномен, меѓутоа како што Енди Халдан, главниот економист на Банката на Англија, забележа минатата недела, трендот е започнат во најразвиените земји некаде во 1970-те.

"Секако загатката на продуктивноста не е нешто што се појави по глобалната финансиска криза, иако изгледа дека таа ги засили постојните трендови," изјави Халдан.

Болшевичките синдикати секако не можат да бидат обвинети за британската изгубена деценија во продуктивност. Закоравениот став во 1970-те беше дека обидите да се направи Британија поефикасна се спречени од синдикалните претставници. Наместо тоа Халдан вината ја наоѓа на друго место: во лошиот менаџмент, кој ја остава Британија со огромна празнина меѓу инвентивните компании и колебливите влекачи.

"Компаниите што извезуваат имаат системски повисоки нива на продуктивност отколку оние домашно ориентираните, во просек за околу една третина. Истото е точно, дури и подраматично, за компаниите во посед на странци. Нивната продуктивност е два пати поголема од домашно ориентираните компании," објаснува Халдан.

Популизмот се смета за нерационален и дека заслужува казна. А ни едното не е точно. Изгледа дека е сосема рационално за долните 90% од американската популација да го постават прашањето зошто тие добиваат само 2% од растот на приходот. На никој не му изгледа чудно што работниците во Британија треба да се пожалат за најлошата декада за реален раст на платите од времето на Наполеонските војни.

Исто така стана јасно дека ултра-ниските каматни стапки и квантитативното олеснување се само фластер решенија. Популизмот изникнува од чувството дека економскиот систем не функционира, и тој очигледно не функционира. Во секое поле од животот неуспешен експеримент резултира со негова промена. Лековите што треба да имаат чудотворни резултати кои не ги испорачуваат брзо се отстранети. Бизнисите кои инсистираат на продолжување со производството на добра што потрошувачите не ги бараат, пропаѓаат. Така се случува напредок.

Добрата вест е што се започна со собирањето идеи. Трамп промовира протекционизам. Тереза Меј се консултира за индустриска стратегија. Монтиер и Пилкингтон предлагаат посветеност кон комплетна вработеност, гарантирање работни места, ре-индустријализација и посилна улога на синдикатите. Лошата вести е што има се помалку време. Се повеќе и повеќе луѓе забележуваат дека императорот нема алишта.

Дури и ако овој пат анкетите се точни и Мари Ле Пен не успее да победи на француските претседателски избори, ние сме на само на една длабока рецесија од целосен политички револт. А тоа е доволно лесно да се замисли.

Лари Елиот

27 март 2017 - 16:37