Нека зборуваат француски!

Многу се кажа и напиша за "Молиер клаузулата" прв пат претставена од Винсент Ју, советник од западниот француски град Ангулем, во која се бара употреба на француски јазик на градилиштата. Тука, прво и пред сè, станува збор за гарантирање безбедност на градежните објекти, пишува Шантал Делсол во едиторијалот за Фигаро.

Голем број локални власти, региони и градови, сега гласаат во корист на Молиер клаузулата. Од тоа произлегува и гневот на одреден број претставници кои ова го гледаат како скриен обид да се протежира локално вработување или, погрубо кажано, да се промовира "национална наклонетост".

Бидејќи клаузулата од работодавците бара на објект да платат преведувач за работниците кои не зборуваат француски, лесно е да сфатиш дека тоа ги спречува нив во вработување странски работници. Освен, секако, ако земеш предвид дека тоа ги поттикнува истите работници да научат француски... Вон проблемот со безбедноста, кој е реално прашање што не треба да биде заобиколено, тука постојат две водечки идеи: интеграција и трајно, одржливо општество.

Човекот не е машина со раце која можеш да ја префрлаш од земја во земја како што тоа би го правел со алат. Човечкото суштество исто така има култура и јазик, начин на живот и чувства кои, иако се универзално човечки, се вкоренети во културата.

Европа е простор на слободна трговија и движење, меѓутоа тоа не значи дека работниците можат како пакети да бидат тргувани од една земја во друга. Државите исто така имаат трговска култура. Човек кој ќе се отсели далеку од својот дом исто така треба да се адаптира на новата култура.

Ако тој не прави напор да го научи јазикот, тоа е затоа што тој смета дека државата домаќин не е ништо повеќе отколку хостел низ кој минува. И ова ќе биде катастрофално за наведениот хостел, кој тогаш станува само премин, отворен на сите ветрови, каков што ќе биде и за гостинот, кој тогаш станува еден вид зомби сведен на неговите технички способности.

Затоа, би било природно за нас да бараме од сите странци кои ќе дојдат да живеат во Франција да зборуваат француски. Ова го прават и најголемиот дел од државите. А сепак, ние се тресеме кога во нашите училишта нема да се појават родители на состанокот со учителите затоа што не се способни да ја разговараат иднината на своето дете на јазикот на Молиер.

Гостите треба да се адаптираат на јазикот на нивниот нов дом - и тоа не важи само за гостите кои работат на градежни објекти - ова е форма на учтивост како и неопходност за земјата домаќин, и ветување за единство на самиот гостин, ветување кое и него ќе го направи да и припаѓа на земјата домаќин. Јазикот е архитектура на културата и духот на местото.

Само идеолог може во овој случај да зборува за дискриминација, како што тоа го направи премиерот Бернар Казнев. Дискриминација значи криминално разликување. Меѓутоа да му се ускрати Франција на некој што не сака да ја прифати нашата вештина на живеење не е дискриминација, туку доаѓање до заклучок врз основа на неговиот избор. Никој не ни помислува да збори за дискриминација кога протеруваме луѓе кои не знаат да управуваат со тешка машинерија на градежните објекти.

Работниците не се роботи. Нивната култура е подеднакво важна како и работната сила што ја претставуваат, и ТОА е гаранција за трајно општество. Лудост е да дозволиш работниците да одат од една земја во друга, секаде каде што ќе се најде работа, без да го научиш јазикот и обичаите, без никаде да пуштиш корени, и сето тоа, без сомнеж, од голема корист за чистата економија.

Винсент Ју рече дека "Молиер клаузулата" што тој ја измисли "ги шокира само елитите кои се вон допир со реалноста". Се работи за космополитската елита, која порано одеше од земја до земја и зборуваше различни јазици, која мисли дека секоја земја треба да биде претворена во сито. Правејќи го ова тие покажуваат слабо познавање на човечките потреби. Космополитската елита, составена од луѓе од големиот бизнис, политичари или академици, е корисна и неопходна за една земја. Тие се заштитници на отвореноста на овој свет. Меѓутоа најважна работа за кое било општество е да се одржи себе си низ времето.

Патувачкиот капиталот лесно може да се пресели од една компанија во друга, а притоа дури и да се зголеми. Патувачките работници имаат потреба од интеграција, а јазикот е вклучен, во оваа смисла.

Интересно е како успеавме толку лесно да ја разбереме одржливоста кога е во прашање природата, ама и понатаму се бориме да го сфатиме тоа кога се во прашање луѓето. Интересно е дека европските фундаментални вредности се сфатени, барем од луѓето кои зборуваат за нив, како постојан и незапирлив тек на капитал и луѓе, без почит кон што било освен разјарена размена и профитабилност. Не се парите суштински, културата е. И тоа го формира духот на местото.

ФИГАРО

30 март 2017 - 11:17