Кадифената тупаница на новите диктатори

Стандардот за диктатор во 20-от век се формира врз делата на ликови како Хилтер, Сталин или Мао кои убиваат милиони луѓе во име на своја идеологија. Како што е ред, во последните децении со еволуција на општествата и политиката, еволуира и авторитарноста, која сега треба предвид да земе и интернет, глобални медиуми и економија.

Со одредени исклучоци (како Сирија) генерално забележливо е откажувањето на авторитарните режими од крвопролевањето. Во 1982-ра 27% од недемократиите се користеле со масовни убиства, во 2012-та ова паѓа на 6%. Во исто време бројот на недемократии со избрано законодавство паѓа од 31 на 15%.

Клучниот човек "во бранот на промени" е Ли Куан Ју, поранешниот лидер на Сингапур кој "комбинира парламентарни институции со строга социјална контрола, повремени политички апсења, и чести тужби за смирување на печатот, меѓутоа исто така воведе и поволни бизнис политики кои беа погон за астрономскиот раст."

"Новите автократи користат пропаганда, цензура и други трикови со информации за зголемување на своите рејтинзи и убедување во нивната супериорност во однос на достапните алтернативи...

... Кога на нивните економии им оди добро, ваквите лидери ги одоброволуваат потенцијалните критичари со материјални награди. Во потешки времиња, тие користат цензура. Новите автократи ги поткупуваат сопствениците на медиумите со маркетинг договори, со закана за тужби, и ги поттикнуваат про-режимските инвеститори да ги купуваат критички настроените публикации.

Тие доминираат на интернет со блокирање на пристап до независни веб страни, со најмување 'тролови' за преплавување на коментарите на страните со про-режимски спам, и плаќајќи им на хакери да вандализираат опозициските онлајн медиуми.

Новите диктатури зачуваат минимална демократска опозиција за да симулираат конкуренција. Изборите ја докажуваат популарноста на шефот," пишуваат Сергеј Гуриев и Даниел Трејсман во колумната за Њујорк Тајмс.

Според нив клучна иновација на новите автократи е што се шкрти во користењето насилство. За разлика од старата школа (Хитлер, Сталин, Иди Амин, Мобуту) тие не се толку несмасни во презентирање на својата сила. Иако се подготвени и се случува да се пресметаат со невооружени демонстранти или противници, тие знаат дека отворено насилство ќе им ја намали поддршката што ја имаат кај своите симпатизери.

"И не само што насилството има висока цена - тоа е и непотребно. Наместо тоа, новите автократи ги имобилизираат политичките ривали со бескрајни судски постапки, испрашувања и други правни формалности. Нема потреба да се создаваат маченици кога можеш да ги поразиш своите противници со трошење на време...

Западот прво треба да биде свесен за својата улога во овозможувањето на овие автократи. Лобирањето за диктатори треба да се смета за сериозно прекршување на бизнис етиката. Западните демократии треба да обезбедат објективни вести на локален јазик како противтежа на пропагандата и цензурата. И бидејќи диктатурите базирани на информации се чувствителни на притисоци од модернизацијата и неминовниот економски неуспех, ни треба трпение.

Освен пропагандата, граѓаните се информираат и преку плата - како што велат Русите, тие треба да бираат 'или телевизија или фрижидер,'" ја завршуваат Гуриев и Трејсман својата колумна за Тајмс.

26 мај 2015 - 10:09