Хилари воскресе?

Ако демократите сакаат да имаат шанса да ја освојат Белата куќа на изборите 2024, Хилари Клинтон е нивната најдобра шанса.

Џо Бајден и Камала Харис станаа непопуларни. Може дојде време за промена на кандидатот.

Совршена бура во Демократската партија го направи изводливо некогаш незамисливото сценарио: политички камбек на Хилари Клинтон во 2024.

Неколку околности - нискиот рејтинг на Бајден, сомнежот околу неговиот капацитет да се кандидира за реизбор на 82 години, непопуларноста на потпретседателката Камала Харис, и отсуството на силен демократски кандидат во 2024 - создадоа лидерски вакуум во партијата, кој г-ѓа Клинтон би можела да го пополни.

Таа веќе е во поволна позиција за да стане демократски кандидат во 2024. Таа е искусна национално препознатлива личност која е помлада од Бајден и може да понуди поразличен пристап од неорганизираниот и непопуларен пристап што нејзината партија сега го има.

Ако демократите ја изгубат контролата на Конгресот во 2022, Клинтон ќе може да го искористи поразот на партијата како основа за повторно кандидирање за претседател, што ќе и овозможи да се повика на можноста за замена на кандидат.

Врз основа на нејзините последни изјави во јавноста, јасно е дека Хилари не само што ја признава својата позиција како потенцијален фаворит, туку исто така го започнува и процесот кој ќе и помогне да одлучи дали повторно да се кандидира за претседател или не. Таа неодамна предупреди на изборните последици од меѓуизборите во 2022 ако Демократската партија продолжи да се наклонува кон прогресивното крило и ги повика демократите да ги отфрлат крајно-левите позиции кои изолираат клучни сегменти од гласачите.

Во неодамнешното интервју за Ем-Ес-Ен-Би-Си, Хилари ги повика демократите да започнат со „внимателно размислување околу тоа што победува на избори, а не само во доминантно демократските региони во кои демократ и либерал демократ, или т.нр прогресивен демократ, ќе победат“. Таа исто така забележа дека мнозинството што партијата го има во Претставничкиот дом „доаѓа од луѓе кои победуваат во многу потешки области“.

Клинтон исто така зададе и затскриен удар на администрацијата на Бајден и демократите од конгресот во обид да се дистанцира од нив: „нема никакво значење ако немаме Конгрес што ги завршува работите, и ако немаме Бела куќа на која може да сметаме дека ќе биде разумна и трезна и стабилна и продуктивна“.

Дури и Бил Клинтон почна да ги реди коцките за потенцијална кандидатура на неговата сопруга во 2024 споменувајќи ја во интервјуто за магазинот Пипл како „најквалификувана личност за кандидирање за претседателската позиција во мојот животен век, вклучувајќи ме и мене,“ дополнувајќи дека тоа што таа не била избрана во 2016 „е една од најдлабоките грешки што некогаш сме ги направиле“.

Може да се заклучи врз основа на овие изјави дека г-ѓа Клинтон ќе ја искористи шансата за повторно да се кандидира за претседател ако се појави таа можност. Меѓутоа која е веројатноста дека таа шанса ќе се појави?

Домашната агенда на демократите е во хаос по неуспехот на инфраструктурниот план на Бајден во Конгресот. Последниот очаен обид на демократите од Сенатот да го спречат законодавниот филибастер при туркањето на нивниот втор приоритет, реформи на гласачките права, најверојатно дополнително ќе ја ослабат нивната агенда.

Севкупниот рејтинг на Бајден е низок (40%), како и неговиот рејтинг на прашања околу економијата и работните места (38%) и даноци и трошење на владата (33%). Речиси две-третини од независните гласачи не го одобруваат претседателот.

Освен ако не се случи значителна корекција на курсот, може да очекуваме дека некои демократи ќе ја изгубат трката за Сенатот и Претставничкиот дом во 2022 - делумно и заради причините што Хилари ги идентификуваше - што ќе им даде на републиканците контрола врз двата дома на Конгресот.

Анкетите генерално покажуваат дека републиканците имаат најмалку 2 или 3 поени предност на анкетите за изборите во 2022 - граница што веројатно ќе биде доволна за повторно да го освојат Претставничкиот дом, имајќи предвид колку беше тесно мнозинството на демократите и очекуваниот исход од прецртувањето на областите во неколку сојузни држави кои би можеле да одлучат некои клучни дуели.

Имајќи ја предвид веројатноста дека демократите ќе ја изгубат контролата на конгресот во 2022, може да очекуваме дека Хилари скоро по меѓуизборите ќе започне да се позиционира себе си како искусен кандидат со капацитет да ги предводи демократите по нов и поуспешен пат.

Хилари ќе го искористи времето до меѓуизборите правејќи го тоа што администрацијата на Бил Клинтон го направи по поразот на демократите на меѓуизборите 1994: изработување на умерена агенда и за домашна и за надворешна политика. Оваа агенда требаа да покаже да г-ѓа Клинтон е единствената кредибилна алтернатива на Бајден и Харис, и на целиот естаблишмент на Демократската партија.

Хилари останува амбициозна, гласна и уверена дека ако не беше интервенцијата на директорот на ФБИ, Џејмс Коуми и руското мешање во изборите таа ќе победеше на изборите во 2016 - и можеби е во право.

Ако демократите сакаат да имаат шанса да ја освојат Белата куќа на изборите 2024, Хилари Клинтон е нивната најдобра шанса.

Даглас Шоен и Ендру Штајн,
Вол стрит журнал

12 јануари 2022 - 13:05