За интернет се потребни тројца

Казахстан го прави она што одамна е "мрачен предмет на желбите" на многу властодршци. Во шифрираната интернет комуникација меѓу две страни, да се отвори простор и за трета. Погодете која.

Кога го проверувате меилот или својата трансакциска, купувате на Ибеј или пак чмаете на социјални мрежи, можеби сте забележале едно зелено катанче во левиот агол на адресата. Тоа е знак дека вашата комуникација со тој сајт е енкриптирана, што е суштина на тн. HTTPS  протокол. Во него, меѓусебе комуницираат единствено уредите на двете страни (вашиот и оној на сајтот) и нема место за трет. Секој што ќе се обиде да ја "слушне" таа комуникација, ќе добие само неразбирлив шум, бидејќи клучевите за разбирање на шифрираните податоци ги имаат поделено меѓусебе само двата уреда.

Но, официјален Казахстан сега воведува 'мастер клуч' за https протоколот, што би значело дека
владата би имала алатка за преведување на секоја енкрипција. Системот ќе биде имплементиран следниот месец кога интернет корисниците ќе мораат на своите уреди да инсталираат "национален сертификат за безбедност", со што практично се отвора место за посредник меѓу корисникот и вебсајтовите кои ги посетува. Владата во иднина ќе може да ги чита барањата на корисникот, логовите од неговите активности, тоа што го праќа и тоа што го прима, сето тоа без знаење на корисникот.

"Дали казахстанското сценарио е генерална проба и за кај нас?" загрижено се прашуваат американски медиуми имајќи предвид дека строгата енкрипција и тамошната влада ја прави нервозна.

Предводени од директорот на ФБИ, ред високи државни функционери имаат досега изразено желба владата да добие пристап кон енкриптираните податоци. Оправданието секогаш е безбедносно, филувано како битка за зачувување на националните интереси па најчесто се наведува дека шифрираната комуникација кај сервисите како iMessage или WhatsApp им дозволуваат на терористите и криминалците 'во темница' да ги договараат своите зли планови.

10 декември 2015 - 10:52