Фејсбук не може да го уништи кликбејтот, затоа што е негово дело

Компанијата најави дека ќе го штелува алгоритамот за што е можно повеќе да избегнува прикажување "кликбејт" статии во фидот на корисниците. Проблемот е што прво, намалувањето на кликбејт наслови нема комплетно да нè спаси од нив, и второ, самиот Фејсбук создаде условите за нивно ширење и успех.

"Преку својот дизајн, правилата, и нагонот да го монополизира нашето внимание, сеприсутната социјална мрежа ги ослабе врските меѓу читателите и медиумите, и ги стави вестите во директен натпревар со забавата...

 Фејсбук го гледа пишувањето на интернет како многу прост, затворен систем: група од инпути (наслови и реклами) и нивните неопходни аутпути (кликови и импресии). Реалноста е многу покомплицирана," пишува Џон Вест во Кварц.

Иако Вест има една општа дефиниција за тоа што е кликбејт (статија чија цел не е ниту да информира, ниту да убеди, ниту да забавува), тој сепак смета дека човек треба да ја прочита статијата и да ја обработи низ своите механизми, пред да одлучи дали е или не е кликбејт.

"Ама Фејсбук, со сета арогантност што би ја очекувал од масовен технолошки стартап, напаста од кликбејтот ја лоцира во насловот. Овој потег е типичен за редукционистичкиот пристап на светот што го има компанијата: растури ја статијата на атоми, земи ги најмалку комплексните и најлесни за изучување делови, и занимавај се со нив. Кликбејт наслов може да крие добра статија, исто како што софистициран наслов може да крие евтина статија," објаснува Вест.

Тој идентификува два "магични круга" кои го спречуваат Фејсбук да успее во справувањето со кликбејтот. Првиот е предизвикан од се поголемата моќ на Фејсбук, која постојано расте на погон на сите напори на медиумите кои сè ќе направат за уште повеќе да ги има на социјалната мрежа (по што Фејсбук станува уште појак). Ова доведува до вториот круг, каде Фејсбук веќе ја има еродирано врската меѓу читателите и медиумот, па сега медиумите за публика мора да се натпреварува директно на Фејсбук и тоа рамо до рамо со слики од бебиња и тајни за убавина на Кардашијани, заради што мора да користи "се поевтино и поевтино пишување."

"На овој начин Фејсбук создава услови во кои природно e само кликбејтот да напредува. Во минатото им верувавме на нашите омилени медиуми да не работат само за кликови. Нивната награда за оваа посветеност на уреднички интегритет беше нашето внимание. Меѓутоа Фејсбук ја прекина оваа директна врска. Колку подоминантен станува, толку потешко ќе му биде да се бори против изопачениот поттик што го создава," порачува Вест.

11 август 2016 - 16:42