Зошто руската економија упорно ги поразува очекувањата (за крах)?

Истражувачи на Јеил неодамна објавија студија според која по повлекувањето на западните компании, плус санкциите, руската економија е осакатена, а сите видливи економски успеси се фатаморгана.

„Статистики избрани од Путин потоа невнимателно се трубат низ медиумите и се користат од бројни добронамерни но невнимателни експерти за создавање на предвидувања кои се претерано, нереалистично наклонети кон Кремљ,“ пишуваат петте автори на студијата од Јеил.

За разлика од нив, Крис Вафер, почитуван познавач на Русија и случувањата таму, тврди дека „Економија не е пред колапс“.

Прашањето на Економист е „каде е вистината?“

Останува точно тоа дека првите денови од војната личеа на првите денови од распадот на руската економија. Исто така останува и тоа дека државата и економијата и понатаму трпи загуби и страда што од блокадите, што од губењето на пазарите, што од заминувањето на фирмите.

„Меѓутоа анализата на податоците што ја прави Економист собрани од голем избор на извори покажува дека руската економија има подобри резултати дури и од најоптимистичките предвидувања, главно заради продажбата на енергенси која доведе до рекорден суфицит,“ пишува Економист.

Како пример тие го даваат „индикаторот на сегашна активност“ на Голдман сакс, кој во реално време го мери економскиот раст. Економскиот пад што и се случува на Русија во март и април е на ниво на глобалната финансиска криза во 2007 и освојувањето на Крим во 2014. Последниве месеци индикаторот оди во нагорна линија.

Документ од ЈПМорган Чејс, покажува дека во јуни руското индустриско производство е паднато за 1,8% во однос на претходната година, што е пад, но не е ни приближно катастрофален. Анкета во која учествуваат менаџери на поголеми компании покажуваат дека има штета но помала отколку во претходни кризи. Овие бројки се потврдени и од потрошувачката на струја, која по првичниот пад, повторно расте.

Во меѓувреме паѓа и инфлацијата. Од почетокот на 2022 до крајот на мај потрошувачките цени на производите растат за околу 10%. Падот на рубљата го прави увозот поскап, а повлекувањето на западните компании го скратува снабдувањето на индустријата. Според Ростат цените сега паѓаат, а до слични бројки доаѓаат и независните консултантски компании кои ги следат он-лајн цените.

Како што рубљата ја врати својата сила, така се намалија и очекувањата за инфлација. Американски аналитики предвидувањата за руска инфлација ги намалија од 17,6 во март, на 11% во јули, главно благодарејќи на енергенсите и тоа што руската домашна економија и граѓаните нема да бидат изненадени од цените на гас, струја и гориво, како Европа и остатокот од светот.

Иако бројката од 3,9% невработеност во јуни годинава најверојатно не е точна, таа не е драстично повисока. Економист се повикува на бројките од Хедхантер, руски сајт за вработување, според кој бројот на луѓе што бараат работа наспроти слободни места се зголемил од 3,8 спрема 1 во јануари, на 5,9 спрема 1 во мај.

Тоа што пазарот на труд е стабилен, значи дека луѓето можат да продолжат да трошат, па Спербанк објавува бројки дека во јули потрошувачката била речиси непроменета од пред една година. И тој мал пад што го има не е во класа на рецесија.

„Има три фактори што објаснуваат зошто Русија упорно ги поразува предвидувањата. Првиот е политики. Путин има мало разбирање на економија, но со задоволство го делегира економскиот менаџмент на луѓе кои се разбираат во тоа. Централната банка на Русија е преполна со висококвалификувани бубалици кои преземаа итни мерки за спречување на економскиот колапс. Двојното зголемување на каматните стапки во февруари, во комбинација со контроли на капиталот, ја засилија рубљата, и помогнаа да се намали инфлацијата. Јавноста знае дека Елвира Набиулина, гувернерката на Централната банка, е сериозна околу ограничувањето на цените, дури и ако тоа не ја прави посебно популарна.

Вториот фактор е поврзан со скората економска историја. Сергеј Шојгу, рускиот министер за одбрана, можеби знаеше нешто кога на британската влада и порача дека Русите ’знаат да страдаат како никој друг’. Ова е петта економска криза со која државата е соочена во изминатите 25 години, по 1998, 2008, 2014 и 2020. Секој постар од 40 години ги памти неверојатните економски драми кои доведоа до падот на Советскиот сојуз. Луѓето научија да се адаптираат, наместо да паничат (или да се бунат).

Делови од руската економија се прилично одвоени од Западот. Ова се прави по цена на понизок раст, но тоа ја направи последната изолација далеку помалку болна. Во 2019, на вкупните странски инвестиции во земјата отпаѓаа околу 30% од БДП-то, споредено со глобалниот просек од 49%. Пред инвазијата само 0,3% од Русите работеа за американска фирма, споредено со 2% низ богатите држави. Државата има потреба од релативно малку суровини од странство. Заради тоа и дополнителната изолација немаше големо влијание врз денешните бројки.

Третиот фактор се однесува на енергенсите. Според Меѓународната агенција за енергија, санкциите имаат ограничено влијание на руското производство на нафта. Од почетокот на инвазијата, Русија на ЕУ и продаде фосилни горива во вредност од околу 85 милијарди долари. Начинот на кој Русија ги троши странските валути собрани преку ова донекаде е мистерија имајќи ги предвид санкциите против владата. Има малку сомнеж дека оваа продажба и помогна на Русија да купува увозни производи, а да не споменуваме плаќање на војници или купување оружје.

Додека Путин не си замине од власт западните инвеститори ќе се колебаат да ја допрат Русија. Санкциите ќе останат. Централната банка признава дека иако Русија не зависи многу од странски материјали, таа е очајна за странска машинерија. Со тек на време, санкциите ќе си го направат своето и Русија ќе произведува производи со полош квалитет по повисока цена. Но за сега, економијата се тркала,“ пишува Економист.

26 август 2022 - 14:13