Русија, САД, Агрокор и гео-стратегија

Моментално најголемите доверители на Агрокор му нудат на досегашниот сопственик на најголемата балканска компанија 20% од сопствеништвото. Излезе дека Тодориќ заглави на Меркатор, кој го купи со кредити од руските Сбербанк и ВТБ банка. Само на Сбербанк, Агрокор ден и должи околу 1,3 милијарди евра.

"Доволно е да се спомене дека корпорации, како хрватски Агрокор, живеат по некои сосема поинакви правила отколку мало претпријатие, а тоа првично се однесува на нивното постојано задолжување.

Додека мал бизнисмен влегува во банка дури тогаш кога е апсолутно присилен на тоа - затоа што знае дека кредитот кој нема да може да го враќа има способност трајно да му го уништи животот - корпорацијата постојано е во потрага по што подобри и побрзи кредитни линии," објаснува Марјановиќ во текстот за Адвенс.

Една од банките во кои што е задолжен Агрокор, Сбербанк, е руска државна банка, со други зборови "финансиска институција која Кремљ може и сака да ја користи за што подлабок упад во 'непријателска' територија притоа спротивставувајќи и се на Европа во актуелниот економски судир".

По обем Сбербанк е најголемата банка во Русија и најголемата банка во цела источна Европа. На ниво на Европа е трета по големина, а е 33-та во свет. Нивната позиција е засилена и со повлекувањето на западните банки од балканскиот регион.

Наспроти нив Агрокор е најголемата компанија во нашиот регион, само во Хрватска има околу 40.000 вработени, уште 20.000 во БиХ и Србија, и околу 1.000 во Словенија. Впечатокот кај некои е дека Агрокор станува вака голем благодарејќи на преголемата помош на компанијата од страна на државата. Од друга страна речиси консензус е дека проблемите на Агрокор се затоа што менаџментот не знае да ја води компанијата, па финансиските проблеми се обидува да ги реши со експресен влез во најразлични бизнис полиња, што не е изводливо така брзо и без соодветен управувачки кадар.

Во Србија Агоркор беше следен од Народната банка уште во 2015, кога со анализа на движењето на курсот на динарот забележаа дека Идеа (брендот на Агрокор во Србија) својот дневен пазар го користи за купување девизи. На почетокот од 2016, на активноста на Идеа отпаѓаат 40% од прометот на девизниот пазар во Србија.

Крајниот биланс од сето ова е: вкупниот имот на Агрокор се проценува на нешто повеќе од 1 милијарда евра, наспроти долг од околу 6 милијарди евра.

Една од опциите која се верува дека ќе му биде понудена на Агрокор, барем за раздолжување со Сбербанк, е влез на Руси во сопственичката структура на Агрокор. Стравот кај Хрватите е дека со ваква позиција Русија би имала одредено директно влијание врз хрватската политика, бидејќи во никој случај не е пријатно некој да може да ти извади 40.000 луѓе на улица, на пример со прогласување банкрот или некоја слична драма.

"Сосема е јасно дека не станува збор само за бизнис. Што значи тоа за Хрватска како членка на ЕУ и НАТО, и нејзините жители? Тоа значи дека Запад крајно будно ќе го следи секој потег во хрватската политика деновиве. Од една страна Европа ќе истакнува како таквиот руски упад мора да се спречи по секоја цена, од друга страна политиката е свесна за катастрофалните последици доколку дојде до банкрот на Агрокор (а без договор тоа секако може да се случи)," пишува Марјановиќ.

24 март 2017 - 14:36