Првиот човек во историјата кој изгуби 200 милијарди долари

Во јануари 2021 година, Илон Маск стана вториот човек (после Џеф Безос од Амазон) кој накамари над 200 милијарди лично богатство. Две години подоцна се враќа со уште еден рекорд. За негова жал, овојпат е прв.

Огромен дел од изгубените милијарди на Маск беа проголтани од падот на вредноста на акциите на Тесла, кои во 2022 година изгубија 65% од вредноста, а само за еден ден кон крајот на декември паднаа за 11%.

Маск имаше најголемо богатство во ноември 2021 година -340 милијарди долари- за моментално да вреди - ок, не е за жалење - 137 милијарди. До почетокот на декември беше најбогатиот човек на светот кога беше претекнат од францускиот магнат Бернар Арно, ЦЕО на  LVMH Moët Hennessy – Louis Vuitton.

Најголем баласт во новачникот на Маск е Твитер за кој не само што плати 44 милијарди долари туку начека финансиска ситуација која ја опиша како „авион кој со огромна брзина се приближува кон земјата додека моторите му се запалени а контролите не функционираат.“ (види и: Во Твитер сега сами си носат тоалетна на работа).

А сега, христијански да поплачеме над судбината на други големи финансиски лузери од 2022:

Стив Балмер, поранешниот ЦЕО на Мајкрософт изгуби 19,4 милијарди долари.

Во 2022 година, растот на компанијата забави заради намалена побарувачка на персонални компјутери и посилен американски долар. Продажбата на оперативниот систем Виндоус стагнираше што акциите го следеа, паѓајќи за 28% во текот на годината. Балмер сега тежи 86,2 милијарди долари.

Зенг Југун изгуби 20,7 милијарди долари

Најголем дел од богатството на Зенг доаѓа од неговиот удел од 23% во Contemporary Amperex Technology, најголемиот снабдувач на батерии за електрични возила. Како резултат на нестабилните цени на суровините и пореметените ланци на набавка, компанијата во април го пријави својот најостар пад на нето приходот од 24%. Тој сега има 32,5 милијарди долари.

Бил Гејтс изгуби 28,6 милијарди долари

Со 110 милијарди на располагање, Гејтс има инвестирано во широка лепеза компании и недвижнини но најголемиот удел му останува оној во Мајкрософт, а таму акциите лани паднаа за речиси 30%.

Мекензи Скот изгуби 37,3 милијарди долари

Ја опишуваат како новелист и филантроп но најбитно за нејзиното богатство е што е екс жена на Џеф Безос. Тие ги одвоија своите приватни но не и деловни судбини бидејќи и двајцата имаат акции во Амазон кои лани паднаа за речиси 50%. Мекензи денеска вреди 19 милијарди долари.

Сергеј Брин изгуби 44 милијарди

Брин и другиот ко-основач на Гугл, Лери Пејџ, заедно изгубија 89 милијарди долари бидејќи за Алфабет и други технолошки компании тоа беше тешка година за дигитален адвертајзинг. Брин денес вреди 79,5 милијарди а Пејџ 83,1 милијарда долари.

Марк Закерберг изгуби 79,9 милијарди долари, Безос 85,2 милијарди а Чангпен Жао од крипто- менувачницата Бајненс, заради FTX и другите крипто крахови, се олесни за 83,3 милијарди долари.

Сега ни е некако полесно.

 

1 јануари 2023 - 11:58