Од сега Тесла може да се купува со биткоин

Прво Илон Маск објави на Твитер, а потоа и на сајтот на Тесла беше додадена опција посакуваното возило да се плати со биткоин. За сега опцијата важи за САД, а до крај на годината би важело глобално.

Освен ова, Маск даде неколку дополнителни информации за тоа како компанијата ги менаџира криптовалитите што ги поседува, па според него секој биткоин што ќе и биде платен на Тесла ќе биде задржан како биткоин, и нема да биде сменет во фиат валута.

Цената на возилата на Тесла и понатаму ќе биде во американски долари, а муштериите што ќе сакаат да платат во биткоин тоа ќе го направат по тогашен курс.

Во условите за плаќање, Тесла ги предупредува купувачите да бидат многу внимателни кога ги внесуваат адресата и парите што треба да бидат платени, бидејќи, испишано со големи букви, „биткоин трансакциите не може да бидат вратени“ и „ако внесеш погрешна биткоин адреса, твојот биткоин ќе биде неповратно изгубен или уништен.“

Тесла пред еден месец, кога објави дека купиле биткоин во вредност од 1,5 милијарди долари, објави дека во скоро време ќе дозволи купување со биткоин. Оваа вест, тогаш, му помогна на биткоин да ја мине границата од 43.000 долари и да стигне до речиси 60.000 долари (59.755). Моментално цената на биткоин е 56.470 долари.

24 март 2021 - 10:26