На Шпанија и фалат работници, при 5 милиони невработени

Траумите на шпанските фирми за посредување при вработување е дека во земја со 5 милиони невработени (20,4%), тие на своите клиенти мораат да им наоѓаат работници дури од Аргентина. Не е дека Шпанците се мрзливи, туку најчесто не се квалификувани.

Случајот е од фирмата за вработување Акерман Бомонт груп која два месеца во Шпанија не може да најде луѓе што знаат да работат во "Agile", позиција за која нивниот клиент нуди плата од 200.000 евра годишно, што е речиси 10 пати повеќе од шпанскиот просек.

Според агенцијата за регрутирање, Раднстад, шпанските компании ќе имаат проблем да пополнат речиси 2 милиони работни места до 2020. Официјалните бројки на ЕУ покажуваат дека во мај невработеноста во Шпанија била 19,8%, споредено со просекот од 8,6%.

Иако главниот кандидат за следен премиер на Шпанија вети дека годишно ќе отвора по половина милион работни места, главната критика до него е што "ветувањето е фокусирано на легиите невработени, наместо на создавање стручен кадар кој ќе ја засили економијата."

"Неуспехот да се обучи доволен број работници со вештините кои ги бараат модерните компании го спречува развојот на шпанската економија. Недостатокот на стручен кадар ја забавува продуктивноста, ги одлага инвестициите и го слабее пензискиот систем кој е зависен од нови работници со добри месечни примања кои ќе плаќаат за сè постарата популација," објаснува професорот од ИЕСЕ Бизнис школата во Мадрид, Сандалио Гомез.

Не дека Шпанците не се свесни дека имаат проблем со образовниот систем, како и тоа дека од 1978-ма имаат донесено 7 различни закони за образование, меѓутоа секој пат кога се носи нов и подобар закон, во дебатата "преовладуваат прашањата околу користењето на регионалните јазици во образованието (каталонски на пример) и за статусот на веронауката во училиштата, додека дебатата околу фундаменталните проблеми најчесто се маргинализира."

1 јули 2016 - 15:54