Франција грга руски гас

Паралелно со јуначењето на Макрон со изјави дека ќе испраќа француски војници во Украина, Франција полека стана најголемиот увозник на руски гас во Европа. Само годинава земјата и има платено на Русија 600 милиони евра за природен гас.

Во првите три месеца од годината францускиот увоз на руски гас пораснал повеќе отколку кај која било друга држава во ЕУ, споредено со минатата година.

600-те милиони увоз се проблематични за останатите членки на Унијата, бидејќи Франција во исто време не престанува со повторување дека Унијата треба да биде построга со Русија. Минатиот месец Макрон одби да исклучи испраќање француски војници во Украина и ги повика сојузниците да не бидат „кукавици“ во одбраната на Киев.

Во своја одбрана, Франција инсистира дека гасот што го купува е неопходен за да продолжи да ги снабдува домаќинствата низ Европа, плус е врзана со долгорочен договор со Русија кој е правно комплексен за прекинување.

На второ место по скок на увоз на руски гас, прв квартал 2023 - прв квартал 2024, е Шведска со плус од 40,5% а трета е Грција со 36,6%.

ЕУ, која наскоро ќе го воведе 14 пакет санкции против Русија, се уште не го санкционира увозот на руски течен гас.

18 април 2024 - 14:51