Божја рака банкарска?

Ватикан во ревизија на своите банкарски сметки откри разлика од стотина милиони евра, за кои до сега не знаеле (или се правеле дека не знаат) дека ги имаат.

Разликата ја наоѓа австралискиот кардинал Џорџ Пел, кој од скоро е задолжен за пазење на парите на Ватикан. Парите ги открива на сметките на најразлични оддели на Светата столица, кои не се појавуваат во нејзиниот годишен извештај.

"Заклучивме дека состојбата е многу поздрава отколку што се сметаше бидејќи неколку стотини милиони евра беа најдени на поединечни сметки на различните оддели, кои не се појавуваат во финансискиот извештај," напишал кардиналот во својот извештај.

Тој во ниту еден момент не споменува дека станува збор за злоупотреба, туку објаснува дека одделите долго време имале "речиси целосно одврзани раце" во однос на своите финансии и се однесувале по воспоставените правила за водење на деловните книги.

Пел доаѓа во Ватикан од Сиднеј по покана на папата Фрањо, токму за да го преземе надзорот на ватиканските финансии кои со децении, крајно нетранспарентно, беа управувани од Италијанци.

5 декември 2014 - 15:04