Американски банки на низок старт да почнат работа со Русија

ЈП Морган, Банк оф Америка се дел од растечки број на банки од Волстрит што се волни да почнат да тргуваат со руски обврзници. До пред само некое време американските банки овие обврзници ги сметаа за озрачени и никој не сакаше да ги пипне.

Банките веќе се понудиле да извршат трансакции поврзани со руски корпорациски и јавен долг во име на своите клиенти. На ова претходеше соопштението од американското министерство за финансии, според кое ваквите трансакции не претставуваат прекршување на американските санкции против Русија.

Минатата недела Банката на Америка испратила информација до инвеститорите дека оваа трговија е за лицата кои сакаат да излезат од руските обврзници.

Од почетокот на војната и санкциите што САД ги воведе против Русија, инвеститорите кои имаа руски обврзници останаа заглавени и не можеа да најдат брокер за своите хартии. Наводно инвеститорите и до сега можеле да ги продаваат руските обврзници меѓутоа целата ситуација била премногу „токсична“ па брокерите едноставно одбивале да се нафатат на работа.

За сега отвореност за работење на руски обврзници освен ЈП Морган и БОФА, покажаа и Барклејс и Ситигруп.

Изминатите недели скокна цената на руските обврзници, откако Русите почнаа да бараат што да купуваат со парите што доаѓаат од извозот на енергенси. Руските 10-годишни обврзници се тргуваат за 39 центи (на секое платено евро), што е повеќе од двапати од 16-те центи колку што вредеа на крајот на јуни.

16 август 2022 - 10:06