Постои ли шорткат за развој на западен Балкан?

Краткиот одговор  е - не постои. Постојат неколку патишта но ниту лидерствата се посветени да тргнат по некој од нив ниту на луѓето им е јасно дека тој пат треба да се изоди а не некој да те пренесе.

Комисија на Светската банка своевремено идентификуваше 13 земји во светот кои нижат високи стапки на развој преку седум проценти и тоа најмалку три децении. Тоа практично значи дека овие земји осумкратно ги имаат зголемено своите економии, имајќи го предвид „правилото 72“ по кое годишен раст од 7,2 проценти, за една деценија ја дуплира економијата.

Шарена и сложена е таа листа: мали земји како Малта и Боцвана имаат перформанси како големите Кина и Бразил, земји кои немаат природни богатства знаат рамо до рамо да се носат со оние кои имаат и слично. 

Последниве 20 години, земјите од Западен Балкан следат модел во кој недостасува еден важен чекор. Трансформацијата на примарно земјоделските економии ја прескокнува индустријата и мануфактурата па трудот оди директно во секторот услуги. Уделот на мануфактурата во БДП се намалил од 15% пред 20 години на 12 проценти денес а сервисите бележат зголемување од 48% на 63%. Денес услужниот сектор дава најмногу и апсорбира највеќе вработени иако тоа е карактеристика на пост-индустриски и високо-доходовни економии, Разликата е во тоа што сервисните категории во Западен Балкан се потпираат првенствено на ниско обучен труд а не на софистицирани сервиси со дополнителни вредности. 

Можно ли е да се извлече некоја лекција од онаа табела ? Две мали земји со споредливо мала популација - Боцвана и Оман - држат високо темпо на развој но се базираат на природните ресурси. Од друга страна, истичноазиските тигри форсирале политики за поддршка на извозно ориентираното производство. Четирите тигри во 1962 година имале извоз од 4,6 милијарди а во 2004 година дури 715 милијарди долари.

„Ваквиот развој покажува дека производството може да биде одлична стратегија за унапредување на економијата, особено ако сте блиску до голем потрошувачки пазар како што е ЕУ. Но, тоа не е единствената стратегија, И услугите знаат да се покажат како важен генератор на раст, особено затоа што се флексибилни. Но, потребна е автентична посветеност на зголемување на растот и способност да се учи и да се прилагодуваат туѓите успеси на домашен терен,“ пиша во 2016 година Анастасија Шегај од Светската банка верувајќи дека информатиката, комуникациските техноплогии и туризмот можат да бидат клучни во развојот на овој регион.

Четири години подоцна, Западен Балкан останува познат само по нелогичностите уште во самите називи. Тоа е регион кој е крстен како западен иако се наоѓа во источна Европа и во кој кога одите на југ доаѓате до нешто што го викаат Северна. 

3 февруари 2020 - 14:33