Не може да ти градат бегалски камп ако не им дадеш да истоварат машинерија

Жителите на грчкиот остров Хиос новогодишните празници ги минаа на неколку пристаништа на островот блокирајќи ги товарните бродови да ја истоварат градежната машинерија неопходна за изградба на новиот бегалски камп планиран од грчката влада.

Планот на владата е да се изгради нов и поголем камп од речиси 55 милиони евра (Затворен центар со контролиран пристап), кој ќе го замени постојниот камп на островот и ќе биде со капацитет од 1.230 бегалци.

Локалците од Хиос се мобилизирале уште вечерта пред пристигнувањето на бродовите и веќе утрото стотици луѓе биле на пристаништата во Хиос и Места, каде го спречиле закотвувањето на бродот.

Грчкиот министер за миграција, избран како пратеник на Неа Демократија од островот, порача дека една од целите на новиот камп е и да ги заштити локалните жители.

Од Хиос бродот се упатил кон соседниот Лезбос, меѓутоа и таму не му било дозволено да ја истовари машинеријата, туку само камионите со намирници за островот.

„Ги повикуваме работниците и институциите на Лезбос да се кренат. Владините планови за изградба на нови приемни центри нема да бидат прифатени. Локалните заедници на Хиос и Лезбос го кажаа своето: нема нови мигрантски центри без разлика дали затворени или отворени,“ стои во соопштението од Пан-Лезбос работничкиот центар.

По неуспешната мисија на двата острова, бродот заедно со градежната механизација, багери и камиони, се вратил во Солун.

11 јануари 2022 - 10:01