Мојата дебела грчка армија

Една од работите која не се споменува кога се збори за кризата во Грција е воената потрошувачка на земјата. Во пропорции со остатокот од ЕУ, Грција ја има најскапата армија во Унијата.

Трошењето поврзано со војската е единствениот сегмент на кој во моментот се трошат повеќе пари. На се останато, вклучително плати, пензии и социјално, се намалува. Минатата недела беше објавено дека Грците преговараат за купување руски систем за противавионска одбрана С-300. Според министерот за одбрана се работи само за замена на постојните проектили кои станале застарени. Точни информации за цената не се објавени, а според експерти еден проектил за системот треба да чини околу 1 милион долари.

Во 2014-та, Грција плати 52 милиони долари за 12.000 проектили за 120-милиметарските топови на Леопард 2 тенковите. Грција моментално има 353 Леопард 2 тенкови, што ја прави сопственик на повеќе модерни тенкови отколку германската армија. Договорот за купување на тенковите беше потпишан во 2009-та.

Потребата за несразмерно голема армија Грција ја правда со недоразбирањата што ги има со Турција. Од 11 милиони жители грчката армија има околу 130.000 војници, што е најголемиот број по глава на жител на ниво на Европа. Заедно сосе новите, Грција има околу 1.600 тенкови. НАТО проценува дека Грција на војската троши 3,1% од БДП-то (Австрија троши 0,8%).

"За комплетно да ја разберете димензијата на грчкото наоружување потребна ви е споредба: Германија ќе треба да регрутира дополнителни 180.000 војници и да купи уште 10.000 тенкови за да го има пропорционално исто ниво на вооружување," пишува Герхард Хегман за Велт.

Само во изминатата деценија Грција има увезено нова воена опрема во вредност од 11 милијарди долари, "што е од посебна корист за германските компании. Грција набавува 31% од своето оружје од германските компании, и е втор по големина нивен потрошувач."

Тенк биатлон, финале на светско првенство 2014-та:

27 април 2015 - 14:06