Мнозинството го доби она што го бараше

Oваа есен ќе се навршат триесет години од Осмата седница на ЦК на Сојузот на комунистите на Србија, која претставуваше конечно разделување помеѓу Слободан Милошевиќ и Иван Стамболиќ. Набрзо ќе се навршат и 27 години од изборите на кои победи ХДЗ на Туѓман. Вака или така, три децении. Премногу и за историјата, а камоли за еден човечки живот.

Кога почна се чинеше дека ќе трае кратко, како и секоја аномалија. Се тргнуваше од претпоставката дека криминалната енергија и перверзните страсти ќе се самосогорат. Патување по слеп колосек не може да трае долго, се сметаше. Беше тоа благородна илузија. Ова е процес со долго траење, иако е тешко да се отргнеме од впечатокот дека времето има застанато пред повеќе од четврт век.

Загуби на уверливост тезата дека ирационалните, недемократски и економски неефикасни режими се долгорочно неодржливи. Напротив, под знак прашање е одржливоста на либералните демократии.

Националистичките режими на југословенскиот простор влегоа во етапа на стабилност и, како што стојат работите, ќе траат уште долго. Изгледа дека само националистите, параноидни какви што се, се плашат за својот опстанок (што се можеби само траги на нечиста совест). Не постои доволно јак политички фактор кој би ја загрозил националистичката превласт и би започнал процес на демократизација. Не може веќе сериозно да се смета ни на западниот дипломатски притисок, кој иако е преблаг, ја правеше состојбата во југословенските држави до некаде поднослива. Силна либерална или лева, антинационалистичка, институционализирана и организирана опозиција практично не постои (не постои ни демократка десница). Повремените смени на власта, по изборните победи на номинално либерални или леви партии, само го имаат зацврстено владеачкиот национализам: партии како хрватската СДП и српската ДС не ги доведоа во прашање темелните националистички вредности, а случајниот факт дека понекогаш ја преземаа власта само придонесе кон привидот дека демократските механизми функционираат, со што е дополнително засилен формалниот легитимитет на националистичките партии. Единствен вистински исчекор (иако и тој всушност беше плашлив) се обиде да направи Зоран Ѓинѓиќ. Со неговото убиство националистите испратија недвосмислена порака, дека не се шалат и дека постои граница која не смее да се мине.

...Победата на национализмот во југословенските држави ќе влезе во историјата како епохален пресврт и почеток на светски процес кој ги загрозува придобивките на просветителството и иднината на демократијата. Пандорината кутија на политичкиот ирационализам први во Европа по Втората светска војна (во која тој ирационализам доживеа тежок пораз) ја отворија Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, токму во време кога изгледаше дека западните либерални вредности неповратно победија и станаа несомнени. Политичкиот ирационализам - неспоив со демократијата, ќерка на рационализмот - во меѓувреме се прошири на Запад, триумфално се врати во источна Европа, го разруши Блискиот Исток, и стана релевантен фактор. Победата на Доналд Трамп е своевидна кулминација на оваа иста ирационализација на светот која почна на периферијата, на Осмата седница на ЦК на Сојузот на комунисти на Србија во септември 1987, и на основачкото собрание на ХДЗ во јуни 1989. Иронично е дека она што Франсис Фукојама го нарече „крајот на историјата“ би можело да остане запамтено како почеток на крајот на демократијата.

Зошто и како беше можно нешто такво во Европа која тргна по патот на обединувањето, и која доживуваше информатичка револуција, фасцинантен технолошки напредок и триумф на културата на индивидуална слобода? Како, впрочем, нешто такво беше можно во Југославија која еманципираше гладни и неписмени милиони, ги спаси жените од патријархално ропство, во втората половина на осумдесетите стана удобно либерална, а во 1989 отвори перспективи за економски препород?

Одговорот е морничав во својата едноставност: затоа што така сакаше мнозинството.

На самиот почеток верувавме дека гласачите на Социјалистичката партија на Србија и на Хрватската демократска заедница биле заведени од пропаганда и дека тоа се наивни, неинформирани и непросветени бедници, па во силната желба за подобар, поудобен и послободен живот посегнале по погрешен избор. Човечки е. Се случува. Но со секој следен изборен циклус поддршката на националистите растеше, иако зад себе тие оставаа сè пострашен пустош. Антрополошките оптимисти и понатаму грчевито се држеа до толкување дека масите се заведени, затруени од пропаганда и збунети од војна. Вистина, војната и е водена за да предизвика морална паника, која ќе донесе повеќе луѓе под националистичкиот бајрак, но таа би била невозможна без пасивна или активна согласност на доволен број подготвени и лојални поданици.

Дојде мигот да си признаеме дека многу е мал бројот на таквите кои биле заведени, дека „народот“ не е жртва на перфидни политички елити, туку дека тие елити се банални и автентични толкувачи на „народната волја“. Имаше во овие триесетина години „народот“ доволно време да спознае дека е доведен во позиција на ограбен и понижен убиец, на ограбена и понижена жртва. Имаше доволно прилики да се отрезни и од највештата пропаганда, а оваа националистичката, патем, и не беше нешто вешта. Беше глупа и одвратна, но токму затоа и допадлива за толпата. Како и да е, поддршката на националистите никогаш не опадна под постојаните и застрашувачките 30%, што е доволна критична маса за удобно владеење, затоа што како гравитација ги привлекува и колебливите опортунисти и конформистите, со што „демократското“ мнозинство е осигурано.

Треба да се помириме со тоа дека мнозинството луѓе (во најдобар случај релативното мнозинство и тоа не само на југословенскиот простор) всушност не сака слобода и удобност, дека отсуството на таа желба е важен составен дел од човечката природа, и дека пресудно има одбележано цела историја која во последниве два века се има сведено на напорите на подобриот дел од човештвото да го убеди мнозинството дека слободата и удобноста се сепак исконски вредности на кои треба да им се даде шанса. Мнозинството имаше и се уште има некои други, често мистериозни, сосема поинакви пориви.

Го доби она што го сакаше, а тоа повеќе пати го потврди на избори: ја сакаше токму оваа сиромаштија, оваа омраза, оваа безнадежност, овој кич, оваа самоизмама за спрско Косово и лаги за „Татковинската војна“. Ја задоволи својата потреба за смисла, за љубов, за страст и ги ослободи мрачните нагони и бесови. Соочени со таквиот раскалашен занес на владеењето на правото, здравиот разум, граѓанските слободи и економскиот напредок немаа шанса, напротив, препознаени се како опасна закана.

Хрватска, Србија и останатите словении и херцеговини се остварена утопија, среќни земји во кои среќното мнозинство го има точно она за што гласало: укината иднина, што на толпата на некој перверзен начин ѝ е пријатно, затоа што во тој државотворен рај нема никакви човечки потреби, нема мисли, нема сомнежи, нема одговорност, а за секоја опачина постои оправдување. Тоа е свет на ништост и привид кој пружа чувство на неограничена, речиси животинска слобода. Онаа рационалната, просветена, Русоова слобода која е ограничена со Слободата на Другиот нив ги загрозува, боли и ги навредува.

Целиот текст тука

1 април 2017 - 17:53