Бугарија доби засилување во ловот на мигранти

Една од поранешните највисоки функционерки на германска Пегида (анти-муслиманското движење) и лидерот на холандската филијала на паритјата, од неодамна се во Бугарија во лов на имигранти на бугарско-турската граница.

Не само што лови, туку Татјана Фестерлинг ги повика "мажите на Европа" да одат во Бугарија и да се приклучат на локалните групи кои се обидуваат да ловат имигранти. Истата госпоѓа, се прослави на почетокот на годинава кога повика германските власти да ги застрелаат сите имигранти кои ќе се обидат да ја минат германската граница. Најверојатно заради амбициозноста, таа пред две недели беше избркана од Пегида.

На сликите што Фестерлинг ги објави од сафарито во Бугарија, освен нејзиниот колега од Холандија, се и група мажи во воени униформи, со маски на лице, кои држат парола "Тврдината Европа."

Иако на времето (времето = пред 3, 4 месеци) го знаевме само Динко Валев, денес има неколку паравоени групи кои патролираат на границата независно од бугарските сили. Групата со која патролира Фестерлинг наводно секој фатен имигрант и го предава на полицијата. Таа на Фејсбук тврди дека секој ден 1.000 мигранти нелегално ја минуваат границата, меѓутоа на лично жалење признава дека нејзината патрола нема фатено ни еден мигрант.

Под сликите од своите бугарски соборци, кои во рака држат тазе откриени извиткани лименки од газирани пијалаци и кутии од лекови, Фестерлинг пишува:

"Најпопуларниот бренд меѓу освојувачите на нивниот поход кон пљачкосувања и силувања е Ред Бул.

Толку беше од добричините кои наводно бараа азил. Ова се ладнокрвни и пресметани воини на Исламот, кои доаѓаат од распаднати култури и не сакаат ништо да имаат со нашиот слободен, декадентен животен стил, туку го презираат."

6 јули 2016 - 17:19