Навивачите на Сиетл погласни од Турците

Навивачите на Галатасарај повеќе не се најгласни навивачи на светот. Светскиот рекорд за бучава на стадион го срушија навивачите на американскиот НФЛ тим Сиетл Сихокс и тоа два пати за време на еден натпревар.

Стадионот на Сиетл Сихокс одамна важи за еден од најгласните на светот каде домашниот тим секогаш има голема предност заради притисокот кој го прават гласните навивачи, а сега тие добија и официјална потврда.

На натпреварот од НФЛ лигата против Сан Франциско, претставниците од Гинис најпрвин измерија бучава со јачина од 131,9 децибели со веќе беше поставен нов рекорд.

Но неколку минути подоцна навивачите на Сиетл се надминаа себеси и го поставија новиот рекорд со измерени 136,6 децибели.

Претходниот рекорд го држеа навивачите на Галатасарај кои против Фенербахче во 2011. година „извикаа" 131,76 децибели. Во мај оваа година навивачите на Бешикташ тврдеа дека се најгласни на светот, но овој рекорд не доби официјална потврда.

17 септември 2013 - 09:08