Неизвесен е боксерскиот дуел што сите го очекуваат

Мани Пакијао изјави дека што е до него нема никаков проблем во мај да излезе во рингот и да боксува за титулата против Мејведер кој уште не се изјаснува за евентуалниот дуел. Филипинецот го предизвика Британецот да одговори до крајот на јануари.

Борбата која со нетрпение ја очекува целата боксерска публика доби нови моменти, откако Мани Пакијао (57 победи, 38 со нокаут) јавно го прозва Флојд Мејведер (47 победи, 26 со нокаут) да ја прифати борбата која би се одиграла во МГМ Гранд Арената во Лос Анџелес.

„Јас и мојот тим сакаме само дуелот да се официјализира, за задоволство на навивачите, на милион гледачи ширум светот кои сакаат да ја видат борбата. Само сакам да се докаже кој е број 1. Ако боксуваме и ако ме победи, ќе бидам убеден дека тој е број 1, ако не јас ќе бидам најдобар", изјави Пакијао.

Од друга страна, тимот на Мејведер соопшти дека не е до нив, туку до договорот кој треба да го склопат ХБО и Шоутајм, телевизиските куќи кои ги задржуваат правата за пренос на борбите на двајцата боксери. Колку е тешко и напорно да се дојде до договор меѓу големите телевизски куќи покажува податокот што последен заеднички договор имале во 2002. година за борбата меѓу Мајк Тајсон и Ивандер Холифилд.

„Телевизиските куќи во моментов се договараат за сите детали и постои веројатност дека наскоро ќе се договорат. Едвај чекам, ќе биде голем настан", изјави Сем Вотсон, советникот на Ал Хајмон, агентот на Мејведер.

Во случај да не договорат борба за во месец мај, Пакијао и Мејведер ќе се свртат кон Амир Кан, младиот боксер од Болтон.

20 јануари 2015 - 16:03