Канада и Австралија пред време кренаа раце од Олимпијада летово

Канадскиот олимписки и паралимписки комитет побараа одложување на  ОИ 2020 за следната година поради коронавирусот. Тие летово не праќаат своја експедиција па и да се одржат Игрите во Јапонија.

До денес Олимписките Игри и натаму не се одложени. Треба да започнат на 24 јули ова лето, но ситуацијата со коронавирусот која го стави речиси цел свет во домашен карантин почна да влијае и на Олимпијадата.

Претходно се одложија скоро сите големи спортски настани како Европско првенство 2020 кое и официјално се презакажа за 2021 година (12 јуни - 12 јули 2021).

Поддржани од неколку тела меѓу кои Организацијата за национални спортови, Комисии на атлети и пред се од Владата на Канада, Олимпискиот комитет на оваа земја во неделата вечер соопштил дека „ја донел тешката одлука Канада да не праќа спортисти на Олимписките и Паралимписките Игри во лето 2020.“

„Итно ги повикуваме Меѓународниот Олимписки Комитет (IOC) и Меѓународниот Паралимписки Комитет (IPC) и Светската здравствена органзација (WHO) да ги одложат Игрите за следната година и им нудиме целосна поддршка и помош со управување на сите потешкотии што одложување на Игрите би донело.“

Одлука донесена за заштита и безбедност на атлетите и публиката општо во текот на панедмијата со COVID-19.

Неколку часа подоцна, потпретседателот на Австралискиот Олимписки Комитет и шеф на мисијата на Австралискиот тим за ОИ2019 во Токио рекол дека Игрите не може да се одржат во јули и барал да се одложат за 2021.

Шинзо Абе, премиерот на Јапонија, земјата домаќин на Олимписките Игри, во обраќање до парламентот рекол дека е неизбежно одложување на ОИ затоа што нема да може да се одржат поради пандемијата со коронавирус.

„Ако е тешко Игрите да се одржат во целост, тогаш одлука за одложување би била неизбежна“.

Абе додал и дека се надева дека Меѓународниот Олимписки Комитет треба да донесе што поскоро одлука за одложување затоа што целиот процес би бил голем и би требал да почне што поскоро.

23 март 2020 - 10:59