СП 2017

Слабокрвната Македонија немоќна против Норвешка за крај на сонот

Македонија во првиот дел прими 12 гола, а на половина од второто полувреме 11. Ужасниот почеток на вторите 30 минути ја турна колата по уздолница и Норвешка заслужено оди во четвртфиналето.

Без повредените првотимци Манасков и Миркуловски, Македонија со два гола негатива го стартуваше мечот откако Бјорнсен и Сагосен набрзина реализираа. Во тие моменти игравме со играч помалку затоа што уште на самиот почеток две минути доби Никола Маркоски.

За среќа, Филип Лазаров не им дозволи на Скандинавците резултатски осетно да се одлепат и намали на 2-1 кога веќе изминуваше казната на Маркоски.

Червар се соочи со проблем откако Маркоски доби и второ исклучување, но и покрај тоа хрватскиот стратег не отстапи од игра без голман, со шест ракометари во нападот. Тоа вешто го искористи Јондал за повторно да ја однесе Норвешка на +2 (5-3) во 11. минута.

Во првите 15. минути се играше атомски брз ракомет во кои нашите ракометари не губеа здив. Тоа го покажаа Филип Талески со еврогол за 5-5 и Колев со одбранет пенал. Во салата во Албервил тогаш оддекнуваше песната на нашите навивачи.

Следуваа брзи полуконтри на Норвежаните кои првпат поведоа со +3, но на истекот од 20. минута Стоилов и Лазаров (втор гол од пенал) намалија на -1. Голем удел во резултатската рамнотежа од првиот дел имаше Кирил Колев кој одбрани два зицери и еден пенал за вкупно пет интервенции.

Со 4. гол на капитенот, Македонија поведе со 9-8 во 24-та минута а неверојатен чист зицер за +2 на Ојлески му одбрани голманот на Норвешка Хансен. До крајот на полувремето Норвешка паметно ги искористи нашите почетнички грешки и промашувања и го затвори првиот дел со 12-10.

Слабокрвно и демотивирано Македонија го почна и второто полувреме поради што Норвежаните без напор отидоа на 14-10 а брзо и на 16-11 за +5. Противникот форсираше жестоко темпо кое го предводеа Танген, Јондал, Мирхол и Бјорнсен, денес незапирливи за нашата одбрана.

Лино Червар од нејасни причини не викаше тајм-аут да го спречи брзиот налет на Скандинавците кои немилосрдно го полнеа голот на Колев. После 10 минути игра во вториот дел, младата и полетна Норвешка водеше +8 гола разлика (23-15).

За цело прво полувреме Македонија прими 12 гола а за помалку од половина од вториот дел 11 погодоци. Стравот дека Македонија е се подалеку од историското четвртфинале се испостави за реален затоа што Норвешка имаше страшни +8 на 13 минути до крајот.

Никаква реакција од нашите ракометари, ниту од стручниот штаб кои како да се предадоа уште кога сирената го означи почетокот на второто полувреме.  Во финишот Норвешка само ја зголемуваше предноста и дуелот заврши 34-24. Во нашата репрезентација Стоилов и Кире Лазаров дадоа по шест погодоци колку што кај Норвешка дадоа Танген и Сагосен. Пешевски запиша 3 гола.

Македонија вечерва ги заврши настапите на Мундијалот со ефект од 2 победи, 3 порази и едно реми. Норвешка заслужено оди во осминафиналето каде ќе го чека победникот од дуелот Унгарија - Данска.