Македонија не го мина четвртиот испит во Катар

Македонската ракометна репрезентација одигра јуначко прво полувреме против силниот противник кој го водеше со +4, но битката ја загубивме во вторите 30 минути и Хрватска го доби мечот со 29:26.

Дејан Манасков кој игра одличен Мундијал го отвори балканското дерби со погодок. Стартот ветуваше голема и неизвесна битка на теренот, пред се благодарение што нашите ракометари влегоа без страв против големиот противник кој секогаш оди на медал.

Резултатот се вртеше по два пати во корист на двете селекции, но во 10 минута на семафорот стоеше тоа што го посакувавме, 7:4 за Македонија по серијата 3:0 која ја реализираа Лазаров со два и Миркуловски, откако Борко Ристовски беше на висина на задачата.

Налетот на нашите ракометари продолжи во ист стил и по голот на Хрватите, Манасков украде топка и преку убиствена контра постигна гол. Во следниот напад голот го начна и Стоилов за +4 на Македонија и тајм аут за Голужа.

Хрватскиот селектор ги смири своите ракометари кои потоа влегоа во серија од 4:0 за нерешен резултат 9:9. Во 24 минута првиот гол на средбата го постигна Недановски за предност на Македонија +2, но крајот од првиот дел заврши во знакот на Хрватите кои поведоа во последните секунди 14:15.

Првите седмерци за избраниците на Обрван се случија на стартот од второто полувреме, а Лазаров ги реализираше и двата. Гол од игра потоа постигна Георгиевски кој израмни на 17:17.

Македонија потоа влезе во голема играчка криза и беше без постигнат гол околу 10 минути, а во еден момент имаше и двајца играчи помалку. Хрватите ни го торпедираа нашиот гол и направија серија 5:0, а тоа се покажа како клучна на натпреварот.

Максимумот кој го направија нашите ракометари се случи во 53 минута кога со головите на Манасков, Лазаров и Никола Марковски намаливме на -2, но Хрватите се покажаа како пресилен противник, а покрај слабата игра, лошо второ полувреме имаше и Борко Ристовски.

Најпрецизен играч на мечот беше Чупиќ со 9 голови, а во нашиот таборт Лазаров постигна 7.

Хрватска е сега осамена на првата позиција со 8 бодови, Македонија е втора со 6, Австрија има 5, Тунис 3, БиХ 2, а Иран 0

Македонија и Австрија во петок со почеток од 17 часот ќе играат меч за втората позиција во групата.