Македонија го торпедираше Алжир

Македонската ракометна репрезентација прикажува врвна форма пред Светското првенство во Катар кое стартува за една недела. Подготвителниот турнир во Нант тимот на Обрван го почна со убедлива победа од 12 голови разлика.

Нашите ракметари уште на стартот се наметнаа како фаворити на овој дуел и средбата ја отворија со водство од 2:0 преку Миркуловски и Манасков. Алжир возврати со погодок, но потоа следуваа два гола на Лазаров од пенал и погодок на Мојсовски од игра за предност од 5:1.

Македонија на средина од првиот дел влезе во мала криза при водство од 7:3, кога алжирскиот голман одбрани три удари по ред, а исклучени беа и двајца наши ракометари. Алжир не профитираше многу од тоа и намали на само -2.

Играта на избраниците на Обрван во продолжението од мечот се градеше преку пикерските позиции, а таму во елемент влезе Столе Стоилов кој стрелаше во три напади по ред. Потоа следуваше и првиот гол на Геогриевски за предност од +5.

Македонските репрезентативци го одржуваа водство и на полувреме заминаа со 14:10. Идентично како на подготвителниот меч против Израел, селекторот Обрван пред Мундијалот во Катар ги испроба и резервните оружја од клупата.

Ренато Вугринец одлично ги искористи минутите и постигна три погодоци, а пред голот на Алжирците се наредија и Златко Мојсовски, Недановски и Велко Марковски.

Машинеријата функционираше перфектно во напад, без падови во играта, а тоа придонесе за две серии. Најпрвин од 3:0 за водство од +7 голови разлика, а потоа и 4:0 за двоцифрена предност од 26:15.

И покрај високата предност, нашите ракометари не се опуштија. Во првиот дел Борко Ристовски одбрани 9 удари, а во вториот дел голот одлично го чуваше Петар Ангелов. Во последните минути Манасков почна со убиствени контри, а Македонија обезбеди убедлива победа од 32:20.

Најпрецизен во нашиот состав беше Дејан Манасков со 7 голови, а Лазаров постигна шест.

Турнирот во Нант завршува утре со финалето помеѓу Македонија и Франција од 18 часот.

9 јануари 2015 - 22:41