Червар: Во прашање е опстанокот на клубот

Странците си заминуваат, клубот и домашните играчи молчат и два дена по состанокот со Минчо Јорданов, а хрватскиот стратег кој е под голем притисок од ракометарите, ситуацијата во Металург ја објасни за хрватските медиуми.

Червар изјави дека вчерашниот тренинг во пресрет на следниот натпревар во Лигата на шампионите против Ла Риоха течел нормално и дека ракометарите се однесувале професионално, но состојбата во клубот вели дека е доста сериозна.

„Ситуацијата е посериозна отколку што изгледа од надвор и мислам дека е во прашање опстанокот на клубот. Затоа би причекал за конечни оцени“, вели Червар за Спортске новости.

На прашањето зошто и понатаму е во клубот во ситуација која играчите бараат да си замине, тој одговара:

„Тоа се прашувам и јас. Сопругата и децата ми го велат истото. Не е така едноставно да го слушате сето тоа, но многу се вложив себеси во оваа работа. Еден поранешен македонски репрезентативец пред некој ден ми рече Лино за вистината не треба да се бориш, таа секогаш победува сама. Јас верувам во тоа. Тешко ми беше да го читам и да го слушам сето тоа, после сѐ јас веројатно не го заслужив, но сѐ ќе дојде на свое. Затоа молам уште неколку дена, да видиме што воопшто ќе се случува и како ќе се заврши. 

Червар вели дека Металург останал без петмина важни странци и дека после ваква недела мечот во ЛШ следниот викенд е тешко да се прогнозира, но тој не се чувствува виновен за нивното заминување. 

Од Металург си заминаа најпрво Станиќ, потоа Коциќ и Липовина, а најново Марсениќ и Борозан. Се чека разврската со Атман и Циндриќ. 

Последната информација на веб сајтот на Металург е последното засилување пред шест дена.

13 ноември 2014 - 17:03