Македонскиот фан клуб на Челси

Сините од Македонија кои го красат Стемфорд Бриџ

Рубриката „навивачи“ која ја отворивме за да ја полниме со луѓето без кои не може фудбалот, ја продолжуваме со првиот официјален фан клуб признат во странство. Се спремаат за Париз на осминафинале во ЛШ, каде велат дека би спиеле и на клупи.

Македонскиот фан клуб на Челси фигурира во Лондон како официјален веќе 6 години, а за нивната силна поддршка имаат изработено транспарент кој е закачен на Стемфорд Бриџ. Филип, Борис и Иван се дел од членовите кои зборуваат за кризата која по малку ги потсеќа на годината кога освоија ЛШ, нивните регионални патувања, денот кога се родила нивната навивачка страст за Сините, па се до преговорите Бане Ивановиќ да ги посети во Скопје. Преку Фејсбук ги има над 24.000 фанови.

Како е да се биде навивач на Челси кој е 15-ти на табела, има ли многу нервози сезонава?

Филип: Јас сум навивач на Челси од 1999 година така што сум видел и полоши времиња. Не до волку 15-ти да сме, но кога бевме константно на 6-то, 7-мо место на табела. Ниту еден играч не е поголем од клубот и ниту еден менаџер и било која индивидуа не може да биде поголем од клубот, без разлика дали се работи за газда, тренер или играч.

Иван: Ѕола го има кажано тоа, тренерите и играчите поминуваат, а навивачите остануваат.

Од каде почна сè ова, кој е главниот виновник?

Борис: Најверојатно поради преголемата дисциплина која ја бараше Мурињо. Имаше изјава од Демба Ба дека начинот на кој што разговара Мурињо и она што го бара од играчите е исцрпувачко. Можеби и тоа е проблемот.

Филип: Дел од проблемот е исто и кај играчите. На пример Аспиликуета кој е по вокација десен бек, ако Мурињо му каже да игра лев бек цела сезона, ќе игра лев бек цела сезона бидејќи тоа му е работа. Ако на Азар му се каже да игра лево наместо централно или на Фабрегас да игра подефанзивно тогаш настанува проблем.

Кои играчи најмногу му се спротивставија на Мурињо?

Иван: Тие што имаат најголеми плати.

Борис: Исто и постарите, како Ивановиќ, потоа Азард, Коста и Фабрегас.

Иван: Јас мислам најмногу Азард бидејќи глумеше повреда и најлошо игра оваа сезона.

Значи сепак вистина е дека Азард симулирал повреда?

Филип: Јас мислам дека е вистина. Последниот натпревар беше на клупа и кога беше пратен на загревање не му беше баш мило. Инаку добро е што му кажаа дека не е недопирлив, бидејќи нели во секој голем тим има по некој што не смеат да го чепкаат и тој мора да игра. На пример Руни во Манчестер Јунајтед има многу лоша сезона, но пак му се дава шанса. Истото беше и со Азард со притисок од Абрамович дека мора да игра без разлика на формата. Го имаат Кенеди, дете на кое треба да му се даде шанса, а не е ниту на клупа за да може Азард да игра.

Што очекувате од вториот дел од сезоната, до каде може да стигне Челси?

Филип: Се надеваме преку Куп да излеземе во Лига Европа, бидејќи Лига на шампиони одамна е завршена работа за нас, освен ако Хидинк не направи некое чудо да освоиме ЛШ и догодина пак да играме таму.

Иван: Мислам дека може тоа да се случи. Во првенство сме многу слаби и таму нема загалање.

Борис: Нема ниту притисок веќе. Исто беше и во 2012-та кога Челси беше 5-то, 6-то место, а освоивме Лига на шампиони.

Филип: Грбот ни е лав, а лавот е најопасен кога е ранет. Така беше и во 2012 година кога имавме катастрофална сезона, загубивме 3:1 од Наполи, па тренерот беше отпуштен, па со 3:1 во реваншот и 4:1, стрелец Ивановиќ. Во најслабата сезона Челси губеше и испаѓаше во финале од Манчестер, а тогаш беше појак од Барселона, Баерн и Реал. Значи Челси беше најдобар и во најдобра форма и не успеа да освои ЛШ, а во најслабата сезона поради сплет на околности успеавме да освоиме.

Кој беше најболниот пораз за вашиот фан клуб сезонава?

Иван: Најболен пораз беше тој од Ливерпул

Филип: Исто и јас не можам да го поднесам од Ливерпул.

Зошто баш од Ливерпул?

Филип: Последна најголема нервоза за Челси ми беше после 3:0 водство, 3:3. Не можам да кажам дека ми е сеедно за било кој пораз на Челси, некој боли повеќе, некој помалку, но заради тоа его и навраќање во историјата имам малку против Ливерпул, иако девојка ми е за Ливерпул, како сме заедно три и пол години не знам. Ливерпул ми е најомразен тим.

Што беше пресудно да станете навивачи на Челси?

Борис: Лампард. Прво бев за Зидан и Реал Мадрид и откако се пензионираше 2004/2005, од тогаш сум за Лампард и Челси.

Филип: Татко ми, чичко ми и дедо ми покоен, сите се за Манчестер Јунајтед, а јас дете како дете гледам 1:0, 2:0, 3:0 за некој, а појма немам кој, татко ми се нервира, а јас го прашувам кои се овие синиве? Челси. За нив сум од денес му викам. Мечот заврши 5:0. И покрај Ѕола, Ди Матео мене ми беше омилен Торе Андре Флор. После 16 години, број 19 ми е омилен број.

Иван: Исто и јас како Филип од 1999-та. Тогаш бев многу мал и не знаев многу за фудбалот. Гледавме со дедо ми Челси – Дерби Каунти и загубивме 3:1. Бев дете и плачев. Потоа дедо ми почина, а на него се сеќавам преку Челси.

Кажете ми за вашиот фан клуб?

Борис: Почетоците се во 2009 година, кога беше тренд да се прават блогови за фан клубови. Го формиравме заедно со Александар и истата година после неколку месеци формиравме Здружение на граѓани на македонски навивачи на Челси.

Филип: Прв македонски фан клуб официјално признат е нашиот. За тоа имаме и сертификати. Потоа се формираа Манчестер Јунајтед, па Ливерпул.

Тешка ли беше процедурата да се стане официјален фан клуб?

Филип: Тие работи ги бркаше претседателот на здружението Александар и имаше доста формулари за пополнување, па ти ги враќаат за да ги дополниш. Имаше доста замарање околу тоа, треба само посветеност и трпение. Не бараа нешто посебно, освен имиња, презимиња, матичен број и такви работи. Мислам дека за еден месец сè заврши. Годишна членарина е 2.600 денари. 

Колку официјални членови имате?

Иван: Немаме многу бидејќи за разлика од Манчестер, Арсенал и со тие што ги познавам, освен попуст за карти ние немаме други поволности. На пример во Ливерпул имаат комплети со производи, како на пример календари, пенлака, привезоци. Кај нема ништо такво освен попуст на карти.

Борис: За тоа не е и многу примамливо да се стане официјален член на фан клубот на Челси. Претходно кога требаше да поднесеме апликација со официјални членови преку здружението, тогаш бевме околу 50 членови.

Иван: На Фејсбук сме околу 24.000 фанови. Кога бевме во Љубљана да го гледаме Челси против Олимпија и кога има кажав на странците дека сме толку се изненадија.

Кaкo реaгирaaт Англичaните кoгa ќе чујaт декa нaвивaчи oд Мaкедoнијa нaвивaaт зa Челси?

Англичаните се добро запознаени, инаку со фан базата на Балканот, воопшто не ги чуди што официјални фан клубови има и овде, свесни се колку се популарни тимовите и повеќе се чудат на посветеноста кон клубот, иако ретко ќе имаш прилика да го гледаш во живо.

Заедно го следите Челси секое коло?

Филип: Не, туку само за поважни натпревари, дербија и подоцнежните мечеви во Лига на шампиони.

Иван: Правиме напори да има собири за секој меч на Челси.

Борис: Инаку наш транспарент од 2009 година стои на Стемфорд Бриџ. Моментално е тргнат, поради реновирање на стадионот, но нашиот претседател на здружението контактираше со клубот, а јас спремам нов дизајн на транспарент за кој чекаме одобрување да го стават.

Дали имате информација кој е прв Македонец кој бил на Стемфорд Бриџ?

Филип: Не знаеме. Јас бев да го гледам Челси со Марибор во Словенија во ЛШ. За Англија е малку потешко да се оди поради финансии и затоа чекаме да се паднеме со некој поблиску за да одиме да го гледаме. Бев заедно со пријател, но не е тоа тоа. Јас повеќе би гледал на пример Челси – Фулам или Челси – Тотенхем, отколку со Манчестер, бидејќи тие локални дербија имаат некој посебен драж во Англија. Општо тие локални ривалства ми се многу подобри отколку тие континентални натпревари. Инаку сум гледал и поголеми натпревари, како Барселона – Милан, Звезда – Баерн.

Иван: Јас бев во 2006-та на Левски – Челси во Софија на Лига на шампиони со моите, а лани бев во Љубљана со Андреј од нашиот клуб. Тргнавме двајца од тука и немавме најдено сместување. Таму се најдовме со фанови од Словенија, Хрватска и Англија, а инаку во септември годинава кај нас дојдоа навивачи од Англија. Планираме со Хрватите и Словенците да направиме некој собир, како фудбалски турнир на пример.

Каде имаше подобра атмосфера?

Иван: Подобро ми беше во Љубљана затоа што веќе бев постар и бевме со навивачи, така што можевме да навиваме. Во Софија пак бев со татко ми на трибина со обични гледачи на Левски и кога Челси даваше гол јас не можев да се радувам. Планираме да одиме во Париз на 16 февруари на 1/8 финале на ЛШ, бидејќи доста се евтини картите.

Филип: За спиење и на клупи да спиеме, Париз е.

Дaли некoј oд вaшиoт фaн клуб се сликaл и зaпoзнaл сo некoј игрaч нa Челси?

Не сме имале прилика да се запознаеме, чекавме и на времето Англија кога дојде (Тери, Лампард, Е. Кол, Џ. Кол) и сега Шпанија (Коста, Фабрегас, Азпиликета), ама немаше шанса да се приближиме. Имаше преговори да дојде Ивановиќ тука на еден ден специјално за фан клубот преку човек што го знае, али набиен му распоредот и досега не испадна.

29 декември 2015 - 13:19