Навивачот на Феенорд кој се прослави со средниот прст беше и во Тирана

Конечно некоја понормална навивачка сторија поврзана со финалето во Тирана. До сега сè беше со тепачки, повредени полицајци, протерани хулигани и сè на сè многу насилство меѓу навивачките групи на Рома и Феенорд.

Името Мајки Вилсон веројатно на прва не ви значи ништо, ама ако видите фотографија од него како мал ќе ви стане јасно за кого станува збор.

Се работи за навивачот на Феенорд кој стана славен на интернет со уникатната фотографија, како 5 годишен ултрас.

Историската фотка е од финалето на Купот на УЕФА меѓу Феенорд и Борусија Дортмунд во Ротердам со неговиот татко Роналд.

20 години подоцна ете ти го повторно качен на ушка кај татко му во Тирана. Тогаш славеше победа од 3:2, благодарение на двата гола на Пјер ван Хојдонк и еден на Јон Дал Томасон. Сега се враќа поразен од 1:0 од Рома.

За разлика од него кој се радувал на победата, таа ноќ на 8 мај 2002-ра е повеќе незаборавна поради една фотографија отколку за резултатот, благодарение на фотографот кој улови нешто што остана и се коментира и по две децении.

Самиот Мајки не бил свесен за популарноста на фотката долго време, но потоа стана инстант хит во почетните фази на интернетот. На луѓето им беше смешна и ја споделуваа на големо на социјалните мрежи.

Во интервју за Sportbible тој го објасни потеклото на сликата, а се започнало пред полуфиналето на Купот на УЕФА, кога Феенорд му гостувал на Интер.

„Пред натпреварот, отидовме на плоштадот и имаше голем број кафулиња со многу гужва. Навивачите на Милан ми рекоа да го кренам средниот прст и да кажам нешто на италијански. Се сеќавам дека за тоа добив чипс и ситни пари. Имав само пет години, па секако дека прифатив да го направам тоа“.

Феенорд успеа да го елиминира Интер по победата од 1:0 во Италија и ремито 2:2 во Холандија, а тоа му даде можност на Мајки да гестикулира како што го научиле Италијанците.

Инаку средниот прст бил наменет за навивачите на Борусија кои го прекинале едноминутниот молк посветен на поранешниот холандски политичар Пим Фортјун.

Тоа го поттикнало Мајки да им покаже лутина, а фотографот да го улови моментот кој стана едно од најславните навивачки мемиња.

26 мај 2022 - 13:00