Навивачите на ПСЖ излегоа на протести и удрија жестоко против Меси

Прво им сметаше Мбапе бидејќи наводно бил во преговори со Реал па го свиреа на стадион, сега им се сипаа и на Меси и Нејмар и тоа со погрдни зборови, мислиш направиле трансфери во најомразениот ривал.

Навивачите на ПСЖ на моменти го губат по малку компасот барем што се однесува до односот кон Лео Меси и непотребно ја прават големата и тоа кога игра одлична сезона и реди голови и асистенции.

Се собраа да протестираат пред Паркот на принцовите во Париз и скандираа „Меси курвин сине“.

На Твитер се шират многу видеа, а меѓу нив може да се забележи како групата го изразува својот револт и пред куќата на Нејмар.

Навивачите го изразиле своето незадоволство и од игрите на Марко Верати, како и од начинот на кој претседателот Насер Ал Келаифи го води клубот и побарале заедно со Нејмар и Меси да си заминат од клубот.

Протестите се случуваат само еден ден откако Меси доби суспензија од две недели, бидејќи без дозвола на клубот отпатувал во Саудиска Арабија за да сними реклама.

Според првичните информации тој немал слободни денови, бидејќи Парижаните загубија дома од Лориент и им биле ветени само во случај на победа или реми.

Но еден од најдобрите италијанските инсајдери, Фабрицио Романо со скоро 15 милиони следбеници на Твитер, тврди дека двата слободни дена биле овозможени за играчите без разлика на неделниот резултат.

Потоа клубот ја преиначил одлуката дури в понеделник, кога Меси веќе одлетал да го испочитува договорот со Арапите.

Клубот преку кусо соопштение го осуди однесувањето на навивачите.

„Пари Сен Жермен најостро ги осудува неподносливите и навредливи постапки на мала група поединци, кои се случија оваа среда.

Без оглед на разликите, ништо не може да ги оправда таквите дела. Клубот ја дава својата целосна поддршка на своите играчи, неговото раководство и на сите оние кои се загрижени од овие срамни однесувања“.

4 мај 2023 - 08:34