Навивачите на Јувентус бараат збратимување со Лацијалите

Во ера на насилство и омраза во фудбалот чувствуваме обврска да дадеме предлог за пријателство, стои во петицијата на тифозите на Старата дама кои официјално до сега се немаат збратимено со ниту една навивачка група од Италија.

Од загубеното Скудето на Јувентус на дождот во Перуџа во 2000-та помина многу време, но и работите од тогаш се променија во односите меѓу навивачите на Јувентус и Лацио.

Тука е пред се 5 мај 2002-ра кога Лацио во последното коло го победи Интер и со тоа му овозможи на Јуве со победа против Удинезе да ја освојат титулата. Тоа никој не го очекуваше особено ако се знае дека токму навивачите на Лацио се збратимени со оние на Интер и измешани на Олимпико заедно навиваа за Роналдо, Виери и компанија.

Пред неделното римско дерби стратегот на Лацио, Симоне Инѕаги даде изјава која веројатно најмногу им се допадна на навивачите на Јувентус:

„Да му помогнеме на Јувентус да го освои Скудетото“.

Тоа и се случи, Лацио победи со 3:1 и Јувентус на четири кола до крајот на сезоната е на недостижни +9 пред Рома.

Juventus Fans Forum и Juventus Fans Facebook e Juventus Fans Twitter решија да напишат петиција со која сакаат да направат историски чин на тифо сцената во Италија.

„Јувентус историски нема голем број на пријателства и официјално навивачите немаат збратимување со никого. Надвор од Италија постојат такви договори со навивачите на Ден Хаг од Холандија и со Легија Вершава. Во 2011-та се зацврсти пријателството со навивачите на Нотс Каунти, клуб со кој делат исти бои од 1903-та, додека во ноември минатата година се створи пријателство со навивачите на Елче.

Но во Италија дали поради тоа што Јувентус секогаш се бори за првите места со практично со сите големи клубови, дали за чувството анти Јуве кај оние кои не навиваат за нив, денес не постои пријателство со ниту една навивачка група, со исклучок на взаемното почитување со навивачите на Авелино. Во последните неколку години се создаде еден вид симбиоза со една важна навивачка група, онаа на Лацио. Симпатијата на навивачите на Јуве спрема Лацио се појави на 5 мај 2002-ра кога нивната победа против Интер, значеше Скудето за Јувентус.

Годишнина која се уште се прославува меѓу навивачите на Јувентус благодарение на Лацио. Ривалството за титулата меѓу Јуве и Рома кое постои изминативе години, како и почитта на навивачите на Лацио спрема некои играчи на Јувентус како што се Буфон и Бонучи уште повеќе го зголеми чувството на симпатии спрема Лацијалите. Оваа симбиоза која се појави со тек на време не може да остане незабележана. Во ера на насилство и омраза во фудбалот (пред се против Јувентус) и во ера кога на едно обично гостување на Јувентус се мобилизира цела полиција во градот, чувствува обврска да дадеме предлог за пријателство.

Бараме навивачите на Јувентус и навивачите на Лацио сериозно да размислат за збратимување. Би било прво за Јуве во Италија со важен тим со историја, како и добар знак за цел италијански фудбал“, стои во петицијата.

Образложението и намерите не им се воопшто лоши. На потег е навивачката група на Лацио „Иридучибили“.

3 мај 2017 - 14:41