Milan fans Macedonia

Можеме до трофеј во ЛЕ, а со Шкендија најмалку пак 6:0

Црвената боја вечерва на трибините на Телеком арената ќе биде доминантна бидејќи ги краси и двете екипи. Тетовчани ќе дојдат за Шкендија, но ќе има и многу Скопјани и навивачи од Македонија и регионот кои ќе го бодрат италијанскиот великан. Ждрепката за плејофот во ЛЕ беше остварување на сонот за Milan fans Macedonia.

По 24 часовната авантура во Романија, на македонските навивачи на Милан ептен им се посреќи. Седумкратниот европски првак за следна дестинација го доби Скопје, градот каде барем на фан групата на Фејсбук циркулира одлична бројка од 2.000 членови, навивачи на Милан кои со душа чекаа ваков ждреп.
 
Знаме имаат, новите маички се спремни, Монтела и неговиот засилен состав се на нивно тло, а според најавите за големата македонска и регионална поддршка, ќе се чувствуваат како дома. Разговаравме со Иван кој ни откри дека наскоро се очекува да станат и официјален фан клуб на Милан.
 
Како реагиравте кога Милан го извлекоа да патува во Скопје и дали заедно како група ја следевте ждрепката?
 
Исходот од ждрепката за нас беше чекорот кон остварување на сонот – да го гледаш омилениот клуб во сопствената држава. За жал кај нас многу ретко гостуваат екипи од рангот на Милан и ова е уникатна прилика за сите навивачи на клубот од Македонија и регионот. Терминот на одржување на ждрепката и работните обврски не ни дозволија да ја проследиме заедно, иако постојано комунициравме со момците низ Фејсбук и Твитер групите и чатовите. Повеќе од нас го имаа тоа претчуство дека Милан ќе ја добие Шкендија уште кога беа објавени групите со можни противници, на неколку часа пред влечењето на тимовите. После тоа, очекувано, еуфорија! Па старт на планирање на активностите и поширока организација.

Кои беа плановите откако слетаа, пречек на аеродром, кампирање пред хотел или можеби нешто трето за да се стигне до фотка и автограм од Монтела и играчите?
 
Клубот, за наша жал, одлучи да организира многу ефикасно патување за Скопје од логистички аспект. Играчите слетаа вчера попладне околу 18:45, немаа тренинг и веднаш направија трансфер во хотел. Успеавме да направиме неколку слики од играчите на влегување во хотелот. Правиме напори и во текот на денешниот ден да украдеме некоја минута за неколку слики. Се надевам ќе бидеме доволно упорни и ќе го овековечиме настанот. :) Во секој случај, за натпреварот се спремни новите маички на Milan Fans Macedonia, како и големото знаме кое го изработивме за гостувањето во Романија кај Крајова.

Контактирате ли со клубот и дали сте регистрирани како официјално навивачко здружение? Во колкав број сте?
 
Milan Fans Macedonia функционира скоро 11 години (од 2006 година) и тоа веројатно нѐ прави најстар фан клуб на Милан во Македонија. Најпрво функциониравме исклучиво на блог платформа, далеку пред популаризацијата на социјалните мрежи. Долги години, скромно и со трпение го градевме и растевме блогот. Емотивно се вградивме во тој пријатен заеднички простор. Се развиваа плодни и содржајни дискусии. Се стремевме кон квалитет на содржините, а помалку кон квантитет, колку и да звучи тоа како клише. Последните 5 години, главно функционираме како фан страна на Фејсбук, а од неодамна и на сите други позначајни социјални мрежи. Блогот, иако сега неактивен, неретко знаеме да го посетиме и да прочитаме по некој пост или да пребараме некој податок. Денес фан клубот има околу 2.000 следачи и постојано расте. Од пред извесен период отпочнавме комуникација и процедура за официјализирање на Milan Fans Macedonia како прв официјален фан клуб на Милан во Македонија, така што наскоро очекуваме позитивни вести на тоа поле.

Контактирате ли со навивачки групи од регионов и Италија? Ќе доаѓаат ли навивачи на Милан од други земји и дали можеби имате груба проценка за вкупниот број на навивачи на Милан на Телеком арената?
 
Тешко е да се претпостави колку миланисти ќе навиваат за Милан во Скопје, бидејќи имаме информации дека освен во “гостинските” блокови, ќе има многу други навивачи распрскани во помали и поголеми групи низ сите блокови на стадионот. Како и да е, во едно сме сигурни – Милан ќе има огромна и гласна поддршка на Филип Втори. И не само од Македонија, информирани сме за доаѓање на навивачи од повеќе земји од регионот. Во минатото сме имале контакти и дружби со повеќе фан клубови на Милан од различни земји и очекуваме дел од нив да не почастат со присуство и во Македонија. За жал, според последните информации од клубот, членови на Curva Sud нема да патуваат за Скопје.

Шкендија ќе биде домаќин, а вие и покрај тоа што ќе го пречекате Милан на свој терен, ќе се водите условно кажано како гостински навивачи. Стравувате ли од инциденти?
 
Не би рекол дека стравуваме од проблеми и инциденти. Сепак се работи за европски натпревар и безбедноста мора да е на високо ниво. Како што рековте, иако во Скопје, ние вечерва ќе бидеме гостински навивачи и ќе бидеме претпазливи, како и на секое друго гостување низ Европа. Можеби ќе имаше повеќе тензија и на теренот и трибините ако резултатот од првиот натпревар не беше така убедлив.

Колку пати до сега сте го бодреле Милан на лице место и на кои натпревари сте биле на гостување?
 
Последните неколку сезони Милан не играше во европските купови и опциите ни беа скратени. Се патуваше главно на дерби натпревари од Серие А, пред се на Derby della Madonnina (Милан vs. Интер) и на Il Vero Derby d’Italia (Милан vs. Јувентус). Годинава Милан е назад во Европа, феноменалниот преоден рок уште повеќе ја разгори желбата, така што не ни стана збор дали треба да се патува за Романија пред неколку недели за натпреварот против Крајова. Сега го имаме клубот во Скопје, а и за продолжението на сезоната веќе имаме пикирано натпревари за патување. Влезот во групната фаза од ЛЕ, се надеваме дека ќе отвори прилики за дополнителни гостувања, па зошто не и уште еден пречек во Скопје против Вардар. Инаку, во поуспешните години на клубот наши поранешни и сегашни членови присуствувале на некои од легендарните натпревари, вклучувајќи ги финалињата на ЛШ во 2005 и 2007 година.

Во Милано беше 6:0, што прогнозирате за реваншот?
 
Најмалку да го повтори резултатот од Сан Сиро. :) Сериозно, со оглед на комбинираниот тим кој го поведе со себе тренерот Монтела, без неколку од најзвучните имиња, како и паралелните обврски во Серие А, очекуваме лесна победа, без премногу да се истрошат играчите и евентуални повреди. Бонус би било и без примен гол, за да го задржиме перфектниот скор во сите натпреварувања сезонава.

Кои се вашите очекувања за новата сезона, ќе донесе ли ремонтот во Милан некој трофеј?
 
Како навивачи на Милан проживеавме 5-6 тешки и болни сезони. Местото на Милан едноставно не беше таму каде што покажуваа табелите од изминатите сезони. Уште повеќе не болеше една од главните причини за надолниот тренд на клубот и редистибуцијата на моќта во Калчото (фановите ќе се сетат на дербито Милан - Јувентус во 2012 и голот на Мунтари, мотив за неколку книги посветени на промената на состојбата во Калчото од тој момент навака). Но со промената на сопственоста на клубот во Април, Милан како целина е сосема друга приказна. Делува како новото оперативно дуо Фасоне - Мирабели да работи по 20 часа на ден. Вистински ремонт е направен во ростерот. Засилени се буквално сите проблематични позиции во тимот, а обновени се и договорите на некои од најважните играчи од минатите години. Со сето тоа пораснаа и амбициите и очекувањата. Можеби ќе звучи претпазливо, но едногласни сме дека за почеток, Милан треба и мора да заврши во топ-3 во Серие А. Има и такви што се убедени дека можеме и до трофејот од Лига Европа. Многумина оваа сезона ја поврзуваат со сезоната 2006/07, кога Милан во време на Калчополи тргна од квалификациите на ЛШ (баш оттука од Балканот, против Црвена Ѕвезда) и ја освои Лигата на Шампионите. Како и да е, очекуваме плодна сезона со најмалку еден пехар.
24 август 2017 - 14:26