Нов пораз на Атланта, шест поени за Антиќ

Кошаркарите на Атланта Хокс загубија од Орландо Меџик и го забележаа седмиот пораз по 15 одиграни натпревари.

Атланта беше во водство во текот на целото прво полувреме, но Орландо се разбуди во вториот дел. Предводени од Афало, кошаркарите на Орландо Меџик направија пресврт и на крајот триумфираа со 92:109.

Со оваа победа Орландо ја прекина серијата од 17 порази на гостински терен, како и 11 порази во дуелите со Атланта.

За разлика од минатиот натпревар, Перо Антиќ го наостри шутот и постигна една тројка од единствениот обид, а реализираше и три од четирите слободни фрлања за вкупно шест поени за 6:42 минути игра. За ова време минато на паркетот тој имаше и една блокада.

Хорфорд и Тиг со по 15 поени беа најефикасни кај Атланта, а најдобар на натпреварот беше Афало кој постигна 26 поени.

Во четврток во 2 часот по македонско време Атланта госува во Хјустон.

Атланта - Орландо 92:109
Торонто – Бруклин 100:102
Вашингтон – ЛА Лејкерс 116:111
Њу Орлеанс – Голден Стејт 101:102

27 ноември 2013 - 08:45