Добро утро со 40 поени на Јокиќ и нов триумф на шампионот Денвер

Кошаркарите на Денвер Нагетс ја совладаа Минесота Тимбервулвс 112:97 пред 19.992 гледачи во „Бол Арена“ и поведоа 3:2 во полуфиналната серија на Западот.

Во пресрет на петтиот меч во Колорадо, Никола Јокиќ го доби МВП признанието „Мајкл Џордан“ и големи овации од трибините и честитки од соиграчите. Јокиќ ја добиваше МВП наградата во 2021, 2023 и сега, а секој пат му ја доделуваше комесарот на НБА Адам Силвер:

Потоа на паркетот српскиот репрезентативец покажа зошто е трикратен освојувач на НБА трофејот. Никола уфрли 40 поени со седум скока и 13 асистенции, две украдени топки и ниту една загубена топка.

Јокиќ имаше 15/22 од игра а голем дел од поените ги даде преку најдобриот одбранбен играч во лигата, Французинот Руди Гобер кој четири пати го доби признанието за дефанзивец на сезоната.

Покрај Јокиќ, добра шутерска вечер имаа и Арон Гордон со 18 поени, Поуп и Џамал Мареј со по 16 поени и Крис Браун со 10 поени. Кај Минесота која го претрпе и третиот пораз во серијата потфрли Ентони Едвардс со 18 поени (5/15 од игра). Карл-Ентони Таунс броеше до 23 поени а Руди Гобер запиша 18.

Следниот меч се игра во ноќта меѓу четврток и петок во 2:30 после полноќ кога Денвер Нагетс на гости во Минеаполис ќе ја има првата шанса да го осигура учеството во големото финале на Западот.

Во првиот дел двата тима играа практично кош за кош без драстично резултатско одлепување. Јокиќ до полувремето уфрли 19 поени и осум асистенции а Денвер имаше благо водство.

Нагетс овојпат одиграа добра одбрана, нешто што им недостигаше во претходните дуели од доигрувањето за титулата. Особено добро беше чуван Ентони Едвардс кој во првиот дел постигна само пет поени со 1/8 од игра.

Во вториот дел домаќинот веќе почна да воспоставува посериозна контрола над мечот, да го зголемува водството и сигурно да го брани. Минесота имаше неколку обиди за приклучок но на крајот триумфот заслужено оди кај шампионот Денвер кој сега води 3:2 во серијата до 4 победи.

Во другото полуфинале на Западот Далас Маверикс и Оклахома е 2:2 во серијата.

Магија на Јокиќ и Мареј - кош од пола терен што ја замрзна салата

15 мај 2024 - 07:59