На аукција дресот на Џордан од Oлимписки Игри 1992 со Дрим Тимот

На Олимписките Игри 1992 година во Барселона, кошаркарската селекција на САД дојде во страшен состав кој со право го доби името Дрим Тим. Џордан правеше спектакл во дрес кој стана култен и сега се продава на аукција.

Дрес со оригинален автограм потпишан од најголемиот на сите времиња, денес се појави на аукција од куќата Роберт Едвард Аукшнс.

Не е наведено на кои точно натпревари Џордан го носел овој дрес на патот до златото во Барселона.

Американците тоа лето бела гарнитура дресови носеа на четири средби - против Аргентина, Литванија, Канада и во финалето против Хрватска кога САД славеа 117:85. Против „гаучосите“ и против Канада, Дрим Тимот играше во квалификациите за Олимписки игри, непосредно пред стартот во Барселона.

Според описот на веб сајтот на компанијата, на предната страна од дресот со црн маркер е испишано „Best wishes/Michael Jordan“ со потпис на Џордан. Првпат овој дрес се нашол на аукција во септември 1992 година и бил продаден за 17.500 долари. Сите пари тогаш биле донирани во фондацијата „Мајкл Џордан“.

Следен пат кога е ставен на јавна аукција во 2013 година бил продаден за 53.325 долари.

Во моментот кога е објавен дресот на аукција, вредноста изнесувала 25.000 долари, а после неколку часа стигнала понуда од 33.000 долари.

Аукцијата за овој исклучително вреден дрес завршува на 18. април така што цената сигурно ќе расне. Интересно, ESPN, баш за тој 18-ти април го планира документарецот „Последниот танц“ кој зборува за последната сезона на Џордан во Чикаго Булс. Во 1998-ма година „биковите“ ја освоија последната, шеста шампионска титула во НБА.

Пред извесно време уште еден познат член на Дрим Тимот, Чарлс Баркли најави дека ќе ги продаде сите вредни предмети од својата кариера а парите ќе ги донира во хуманитарни цели. Единствено нешто што ќе сочувал ќе биде златниот медал од таа фамозна 1992-ра зошто ќерка му сакала да го чува.

7 април 2020 - 15:25