МЗТ го разби малерот

По шест порази во низа во двете натпреварувања, кошаркарите на МЗТ Скопје го скршија мразот и ја забележаа првата победа во Еврокупот совладувајќи го естонскиот Калев од Талин со 79:70.

По притисокот од трите порази по три одиграни кола во Еврокупот, кошаркарите на МЗТ го стартуваа натпреварот во грч и му дозволија на противникот да се одвои на +7 (7:14).

МЗТ бргу се врати во игра и до краојт на првиот период намали на 15:17, а на стартот од втората четвртина прејде и во водство (19:17). Нашиот шампион продолжи со осцилациите во играта, па двете екипи се менуваа во водство, а на паузата помеѓу двете полувремиња Калев замина со предност од 33:35.

Кошаркарите на МЗТ имаа добар старт на второто полувреме, а во овој период во форма влезе капитенот Гечевски кој го предводеше тимот во серија од 13:2. Во третата четвртина МЗТ стигна и до највисоко водство од 56:47, но гостите од Талин се врати во игра и намали на 56:53.

Резултатската неизвесност продолжи и во последната четвртина кога МЗТ успеа да ја одржи малата предност и на крајот победи со 79:70.

Најдобри во редовите на МЗТ беа Гечевски со 16 поени и 6 скока, Чековски со 13 поени и 7 скока, Синовец постигна 14, Костоски 13, а Дејвис 10. Најефикасен кај гостите беш Абот со 14 поени.

6 ноември 2013 - 19:55