МЗТ е блиску до елиминација во Еврокупот

Актуелниот македонски шампион го забележа петтиот пораз во шестото коло од второто по ранг клупско кошаркарско натпреварување и со тоа најверојатно ќе се прости уште во првата фаза од европската сцена. И во реванш дуелот против Рига, претставникот од Летонија беше подобар противник и славеше со 70:77.

Гостите од Летонија тргнаа поконкретно на стартот од мечот кој го почнаа со предност од 0:5, а на тоа одговори Тодор Гечевски кој го израмни резултатот. Следеше повторно серија на Рига овој пат од 7:0, која Аеродромци повторно ја анулираа и по воведните 10 минути имаа негатива од 2 поени.

Во вториот период се играше понеизвесна кошарка без можност за правење серии, како оние на гостинските кошаркари на стартот. Рига ја одржуваше тесната предност која не достигнуваше повеќе од +5, а МЗТ имаше проблеми со шутот за слободни фрлања, како и повеќе загубени топки и не успеа да стигне до предност на полувремето во кое имаше негатива од 38:41.

Кошаркарите на Рига беа подобар противник во вториот дел и ја направија најголемата предност од 10 поени, 44:54, но тимот на Вукоичиќ не се даваше, а благодарение на најрасположениот Дамјан Стојановски кој недостасуваше на првиот меч против летонскиот претставник, направија серија од 7:0 и стигнаа до негатива од -3. Гостите постигнаа две тројки и по третиот период беше 53:60.

Стартот на последната четвртина не мина во знакот на гостите како што беше претходно, затоа што се соочуваа со проблеми во нападот и не успеваа да поеинтираат. По 4 минути игра Металците влегоа во одлична серија од 9:2 за 62:62 и враќање на неизвесноста.

МЗТ не успеа да одигра тогаш кога најмногу беше потребно и не успеа да ја спречи серијата на Летонците од 9:0 со што го загуби мечот на кој само со триумф ќе си задржеше шансите за пласман во следната фаза. Конечниот резултат беше 70:77. Заморот и пеколното темпо на два меѓународни фронта си го направија своето.

Одлична партија имаше Дамјан Стојановски со дабл дабл учинок од 22 коша и 11 скока, Гечевски постигна 14 поени, а Костовски 13.

20 ноември 2013 - 19:48