Човек на човека му е еден волк вишок

Неолиберализмот предизвикува осаменост и изолација. Во свет во која постојано те тера да се тркаш со некого, човек најлесно решава да се затвори во себе. А сам човек, за кур не го бива. 

Новата чума која ги има зафатено таканаречените „развиени“ општества се стравовите, стресот, депресијата, социјалните фобии, нарушувањата во исхраната, самоповредувањето и осаменоста. Луѓето, ултрасоцијалните цицачи, чии мозоци се така структурирани за да кореспондираат со оние на други луѓе, сè повеќе се изолираат и отуѓуваат. Епохата е пост-хобсовска: војната не е веќе „на сите против сите“, туку на секого против себе.

Џорџ Монбио, автор на бестселерите „Доба на согласност: манифест за нов светски поредок“ и „Заложничка држава: корпоративното преземање на Британија“, во неговата редовна колумна за Гардијан се обидува да го дијагностицира изворот на ваквата ситуација, кој според него не е само во технологијата, туку и во нејзината спрега со идеологијата.

Иако нашата благосостојба е неразделно врзана со другите, насекаде ни се вели дека ќе просперираме само преку компетитивна себичност и екстремен индивидуализам. Образовниот систем сè побрутално го фаворизира натпреварот како ѓоамити подготовка за она што следи по школувањето - уште повеќе натпревар за малкуте работни места. На телевизија сме хранети со бескрајни натпревари, кои ги потхрануваат нереалните аспирации. А потрошувачката треска навидум ја пополнува социјалната празнина, но далеку од тоа да ја лекува изолацијата, таа само ја интензивира општествената споредба. Истото го прават и социјалните мрежи, кои истовремено нè спојуваат и нè оддалечуваат, квантифицирајќи ни го социјалниот статус (по лајкови, број на пријатели и шерови).

Статистиката за менталните пореметувања кај младите во Британија е загрижувачка - една од четири девојки помеѓу 16 и 24 години се има повредено себеси, а една од осум страда од пост-трауматско пореметување. Депресија, фобии или опсесивно однесување се карактеристики на 26% од оваа возрасна група. Така изгледа една криза на јавното здравство, кое на ваквата општествена скршеница треба да ѝ пристапи како на скршен екстремитет. Ваквата духовна „фрактура“ не е видлива на прв поглед, но во различни јазици нарушувањето на општествените спреги се изразува токму преку зборови кои означуваат физичка болка и повреда („ми го скрши срцето“, „душата ме боли“).

Приврзаноста и нежноста се моќни аналгетици за ваквите болки - деменцијата, срцевите заболувања, понискиот имунитет, па дури и несреќни случаи се почести кај хронично осамените. Самотијата има споредлив ефект врз физичкото здравје како и пушење 15 цигари дневно - го зголемува ризикот за рана смрт за 26% (ако пушиш во друштво веројатно некако се нивелира). Ова е делумно затоа што изолираноста го зголемува производството на стрес хормонот кортизол, кој го потиснува имуниот систем.

Од сите фантазии на човештвото, од идејата дека може да лета до тоа дека може да насели нови светови, најопасна е изгледа токму оваа - дека секој човек може да опстане сам. Како што велеше Џон Дон - „Ниту еден човек не е остров, сосема сам за себе, секој е дел од континент, дел од копно - ако морето однесе грутка земја, како да однело некој рид, посед на соседите или твој сопствен. Смртта на секој човек ме снеможува, затоа што и јас сум човештвото.“

Или со многу полапидарниот израз на македонскиот гениј - „Сам човек - суво дрво“.

31 октомври 2016 - 13:27