Доживотен договор за Леброн од Најк

Суперѕвездата на Кливленд, Леброн Џејмс е првиот спортист кој потпишал договор со спортскиот бренд до крајот на животот.

Во моментов нема конкретни податоци колку вреди договорот, но се верува дека тоа е првиот ваков договор во 44-годишната долга историја на Најк. Претходно Кевин Дурент потпиша астрономски договор со оваа компанија, но тоа не е нималку блиску од ова што го договориле Кралот Џејмс и Најк.
„Можеме слободно да потврдиме дека постигнавме договор за доживотна соработка со Леброн која ќе донесе голема вредност на нашето работење, на брендот, како и на акционерите. Веќе направивме неверојатни нешта во претходните 12 години, но видовме потенцијал за раст во текот на неговата кариера, но и после неа“, пишува во официјалното соопштение на Најк.
Реномираниот ЕСПН пренесе дека договорот кој го парафирал Леброн е далеку над оној на кошаркарот на Оклахома Сити Тандер, Кевин Дурент кој потпиша на 10 години минатото лето и според кој ќе заработи 300 милиони долари.
„Леброн и јас бевме навистина опседнати со Најк уште како мали. Остварување на сонот е тоа што со нив изградивме иновативен глобален бизнис и возбудени сме што ќе го донесеме на потполно ново ниво. Леброн ретко кога бил возбуден како сега“, изјави Маверик Картер, партнер менаџерот на Џејмс.
Иако другите брендови како Адидас и Рибок досега потпишуваа доживотни договори, Најк никогаш не го направил тоа или барем јавно не соопштил. Се верува дека договорот на Најк со Мајкл Џордан е доживотен, но никогаш немало потврда за такво нешто ниту од едната страна.

Адидас има доживотен договор со Дерик Роуз кој секое лето прави турнеи (беше во Софија и Белград) во промоција на овој бренд. Адидас потпиша доживотно и со Дејвид Бекам, а Рибок склучи ваква спогодба со Ален Ајверсон. Леброн Џејмс изјави дека чувствува голема посветеност на овој бренд и актуелниот договор му е важен колку и првиот со нив.

„Неверојатно многу ми значеше првиот договор кој го потпишав токму со Најки, а сега ми значи уште повеќе што добив доживотен договор. Како што кажав и претходно, скромен сум и благодарен и ќе продолжам да го претставувам брендот на најдобар можен начин. Се надевам дека луѓето ќе го видат тоа", истакна кошаркарот на Кливленд.

Со исклучок на неприкосновениот Мајкл Џордан за кого Најк досега направи околу 30 модели патики Ер Џордан, оваа компанија направи многу верзии на патики и за Леброн Џејмс. Во моментов има 13 разни верзии на „Лебронки", а годишната продаба на неговиот бренд за 2015-та изнесува преку 400 милиони долари.

8 декември 2015 - 11:30