Зошто Германците мудро не се фатија за орото?

Во неделата доцна вечер 12 европски клубови објавија дека ќе основаат Суперлига. На тој список ги нема Баерн Минхен и Борусија Дортмунд. Тие решија да останат верни на УЕФА и правилата.

Во понеделникот и вторникот голем број европски клубови го кренаа гласот против евентуална Суперлига, предвидена само за најбогатите, во која нема да има место за други клубови.

Против Суперлига први во Германија се огласија претставници на бундеслигашите РБ Лајпциг, Баер Леверкузен и Борусија Менхенгладбах. Со заедничко соопштение настапија Германската фудбалска лига и Германски фудбалски сојуз:

„Ние не сме должни да им дозволиме на финансиските интереси на водечките клубови од Англија, Италија и Шпанија да ја разрушат постоечката структура. Основата на фудбалот во Европа е теоретски секој еден клуб да може да игра против најдобрите на континентот во ист турнир“.

БОРУСИЈА ДОРТМУНД И БАЕРН МИНХЕН ДОСЛЕДНИ И ВЕРНИ

„Милионерите“ од Дортмунд и Баварците, двата најголеми клуба во Германија уште истата вечер на состанокот во неделата одбиле понуда да играат во нов турнир. Шефовите на Борусија и Баерн, Ханс-Јоаким Ватцке и Карл-Хајнц Румениге и претходно изјавуваа дека Суперлига е лоша идеја. 

„За вакви прашања може да се зборува кога ќе помине кризава. Во еден аспект сум многу убеден: Суперлига нема да има во следните десет години. Во моментов нема никаков интерес за тоа. Таа идеја има само една цел: Да се заработат повеќе пари“, отворено рекол Румениге.

Согласен со него е и колегата од Дортмунд, Ватцке:

„Никогаш нема да поддржам затворен турнир. Нашиот фудбал не е затворена организација како НФЛ, НБА или НХЛ“.

Интересно, пред три години Der Spiegel пиша дека Баерн Минхен во 2016 година кога идејата за Суперлига почна да се споменува, ангажирала правна фирма да ги изучува последиците ако клубот ја напушти Бундеслигата. Тогаш во Минхен наводно ја разгледувале можноста да настапат во нова елитна Суперлига но никој не спомнал отворено. Сакале да се информираат за сите аспекти.

Во меѓувреме Борусија Дортмунд и Баерн Минхен потврдија дека се за идеите за реформи во Лига на шампиони (УЕФА во понеделникот изгласа реформи кои се парадоксално можеби и поглупави од идејата за Суперлига).

„Членките во Асоцијацијата на европски клубови (ECA) во неделата вечер спроведоа видеоконференција и потврдија дека одлуката донесена минатиот петок останува на сила. Таа одлука значеше дека клубовите остануваат на барањето за реформи во Лига на шампиони. Членките на ECA одлучно го отфрлија планот за создавање на Суперлига“, изјави Ватцке во понеделникот и дополнително ја збуни јавноста. Тој додал и дека Борусија и Баерн Минхен се солидарни по сите прашања кои биле разгледувани на Собранието.

А во понеделникот попладне на сајтот на Баерн се појави изјава на Румениге кој ја поддржал реформата во Лига на шампиони.

„Не мислам дека Суперлига ќе ги реши финансиските проблеми на европските клубови зафатени од коронавирус. Сите клубови во Европа треба заедно да работат на ускладување на платите на играчите и платите на агентите со приходи, и така да го направат европскиот фудбал одржлив. 

Германските клубови за разлика од англиските и италијанските, обично го слушаат мислењето на навивачите и тоа им значи.

Во Германија дејствува правилото 50+1 согласно кое минимум 50% и 1 акција на клубот мора да им принадлежат на навивачите како некомерцијални јавни организации. Затоа клубовите во Германија се ориентираат секогаш на тоа што мислат навивачите. 

Навивачите во Германија не сакаа да слушнат за реформи во Лига на шампиони, а камоли за некаква Суперлига. Во прилог на тоа оди и нивната добиена битка против фудбал во понеделник во Германија.

Ако Баерн Минхен и Борусија Дортмунд прифатеа настап во Суперлигата, тоа сигурно би довело до протести меѓу навивачите кои се за солидарност со помалите клубови. Интересно, уште еден важен детал: Румениге и Ватцке се управители од стар ков, стара школа, а не бизнисмени како Ед Вудвард (Ман. Јунајтед) и Флорентино Перез.

Ватцке и Румениге се навикнати внимателно да приоѓаат кон секое важно прашање и да го слушнат мислењето на сите страни, без да носат нагли одлуки. Можеби тие двајца и нивните клубови знаат дека Суперлига нема да успее на долги стази, па затоа останаа верни на УЕФА и нејзините натпреварувања.

20 април 2021 - 10:24