Жалната исповед на Дани Алвеш

Во текст за The Players' Tribune, медиум кој содржи колумни потпишани лично од познатите спортски ѕвезди, бразилскиот бек ја натажи јавноста.

„Кога почуствував болка во коленото, мојата душа го напушти телото. Знаев од моментот кога удрив во земја дека нема да бидам во авионот за Русија и нема да играм на Светско првенство.

Во соблекувална докторите на ПСЖ ми рекоа дека мора да почекаме до утре сабајле за да ги обавиме тестовите, но во срцето знаев дека е готово.

Сите влегоа во соблекувална славејќи го трофејот во Купот, а јас не сакав да покажам никаква негативна емоција во нивна близина. Ако го знаете Дани Алвеш, тогаш знаете дека тој секогаш е среќен таму..., така што само се смеев и се трудев да се забавувам. Но сите во моите очи можеа да видат дека нешто не е како треба.

Само еднаш плачев, кога бев сам. И да ви кажам нешто - не сакам баш никој да плаче поради мене. Не сакам никому да биде жал поради мене. Ги живеев своите сни. Дани Алвеш не оди на Светско првенство, но и натаму е среќен (пцуе)...

Ќе го гледам Бразил исто како што го гледав кога бев дете на нивата. Само овојпат телевизорот ќе ми биде сериозно поголем. Ви кажував порано како спиев на кревет од бетон. Ви кажав и како се будев во пет сабајле да му помогнам на татко ми да прска спреј на засадите. Или кога одев со точак 10 километри до школото. Многумина ми рекоа дека помислиле како ми било тешко како дете. Ама не, човече, во споредба со многу од моето место добро ни одеше.

Татко ми продаваше зеленчук од нашата нива, а имаше и кафанче од страна со кое се занимаваше, така што бевме едни од ретките кои имаа телевизор во близина. Беше тоа стар телевизор од ’70-те, каде татко ми правеше чуда за да фатиме канали од далеку. Сликата беше лоша како пекол, ама работеше. Освен кога беше облачно - тогаш бевме сјебани.

Татко ми беше како болен пациент за фудбал. Беше навлечен така што тоа мало телевизорче му беше сè на светот. Тоа го правеше мајор во градот. Се сеќавам за време на Светското првенство 94’, нашата куќа беше центар на светот. Целата земја во еден момент згасна и никој од градот немаше каде да гледа фудбал па сите дојдоа кај нас. Мислам дека дојдоа баш сите. Куќата како да ми стана мал стадион. Замислете 50 луѓе собрани околу мал телевизор, како галамат, викаат, вриштат, се радуваат.

Интересно е што во Бразил секогаш можеш да слушнеш како децата растат фарбајќи ја улицата со зелена и жолта боја, зар не? Па, ние сме од Рока, тоа е среде никаде. Така што немавме улици да ги фарбаме. Мораш да фарбаш крава или така нешто. Наместо тоа, многу се веселевме. Ги имавме оние малите пластични знаменца Бразил насекаде. Така изгледаше куќата во 94’.

Кога мечот ќе почнеше ние се поставувавме како да сме на теренот. Во Англија, Франција, Германија го сакаат фудбалот. Ама тие се само навивачи. Тие се страствени, но тие гледаат. Во Бразил ти не гледаш, туку играш. Ние игравме, сфаќате?

Ја сфатив разликата кога имав 10 години. Ги гледав Кафу и Ромарио на тоа мало телевизорче. Кога тие напаѓаа, и ние напаѓавме. Кога се бранеа и ние се браневме со нив. Ги прекрстуваме прстите, под притисок сме, се потимо, како да играме стварно. Луѓето велат дека фудбалот во Бразил носи религиозно доживување. Но тоа е повеќе психичко искуство.

Бев толку нервозен не можев да седам, па одев по празната канта за ѓубре. Ќе седнев на една и ќе удирав во друга како во тапан со рацете. Сите пееја.

Светското првенство беше како нешто од друг свет. Се застануваше. Целата земја беше како едно, сите заедно го преживуваа секој момент. Во Бразил свесни сте на која класа и припаѓате, знаете? Но за време на Светско првенство тоа одеднаш не е важно. Месец дена сите облекуваме дрес и сите сме исти. Се сеќавам што си реков себеси тогаш - го сакам ова што го проживува Ромарио, сакам да бидам на телевизија, да го носам тој светло жолт дрес.

Сонував до 18 година. Кога навистина го носев тој дрес. Ја претставував мојата земја. Но сега на ова Светско првенство ќе мора да напаѓам со остатокот од нацијата.

***

Не се сметам себеси за ветеран. Како што може да видите, имам дух на дете од 13 години. Којзнае може кога Светското 2022. година ќе дојде можеби и тогаш ќе се борам за место во тимот. Телото ќе ми има 39, но духот ќе има 17.

Ја раскажав оваа приказна на моите соиграчи, а сега ќе ви ја раскажам и вас.

Кога ја освоивме Лигата на шампионите во 2015-та година многу луѓе се прашуваа можеме ли пак. Но меѓу играчите постоеше верба и кога го победивме Јувентус трчав до Адријано по судиската свирка. Го погледнав, ме погледна и тој мене и почнавме да галамиме, да вриштиме. Не знаевме што да правиме.

Ааааааааааааааааааа!

Гледам после на телевизија и се прашувам - што си правел човеку? Изгледаше смешно. Но не можевме ништо друго. Не преплавија емоции. Вриштевме - „Аааааааа! Срање, срање!“

Какво е чувството? Чувството е како кога си дете. Кога не можеш да кажеш ни збор. Можеш само да вриштиш.

Ако го освоиме Светското во Русија нема да вриштам. Само еднаш, ветувам, ќе затворам уста. Нема да има зборови кои излегуваат од Дани Алвеш. Ништо нема да кажам. Само ќе плачам.“

Приказната за фудбалскиот пат на детето кое садело лук