Стоперот на Динамо Загреб Јошко Гвардиол кој го викаат Пеп

Динамо Загреб веќе неколку сезони е многу сериозен и стабилен европски клуб. Хегемонот во хрватскиот фудбал синоќа со 2:3 на гости го победи руски Краснодар во Лига Европа. Стефан Ристовски го одигра целиот меч.

Покрај нашиот репрезентативец кој одигра одличен натпревар, меѓу подобрите кај „модрите“ беше и дефанзивецот Јошко Гвардиол, 19-годишен бек и стопер кој важи за еден од најталентираните одбранбени фудбалери во Европа.

Јошко Гвардиол многумина го споредуваат со тренерот на Манчестер Сити. Прво очигледно поради презимето, а второ Јошко (произлезено од Јосип на хрватски) исто ја почнал кариерата во среден ред како Пеп (последен играч за врска), но потоа го вратиле во центар на одбраната.

И да, Пеп бил заинтересиран да го донесе својот „имењак и презимењак“ во Сити. 

Пред почетокот на минатата сезона, англиски The Guardian, традиционално состави список од 60 најталентирани фудбалери од следната генерација. На оваа листа покрај Едуардо Камавинга, Ансу Фати и Џовани Рејна, се најде и Јошко Гвардиол.

Младиот хрватски бек годинава се најде на 16. место на листата од топ50 најталентирани фудбалери до 20 години во изборот на L'Equipe. Јошко според францускиот магазин важи за најперспективен стопер.

Кога имал 15 години милански Интер за него нудел 4 милиони евра, но родителите и тренерите решиле Јошко да остане во Хрватска со цел да игра повеќе и фудбалски да созрее.

Во првата полусезона 2019/2020 Јошко полека стана стандарден првотимец и за кратко време се промовираше во најдобар стопер во хрватската лига но и влезе во ТОП10 во Лига Европа.

Неговите настапи беа доволна причина да го бараат гигантите, во прв ред Манчестер Сити, Баерн Минхен и Реал Мадрид. Најконкретен бил Лидс Јунајтед кој меѓу првите пратил богата понуда на „Максимир“.

Јошко Гвардиол бил на слатки маки, а на крај ја одбил понудата од Англија и прифатил трансфер во РБ Лајпциг. 

Германскиот претставник во Лига на шампиони му платил на Динамо 16 милиони евра за трансфер, многу повеќе од она што на времето го одвоиле за Дајот Упамекано, стоперот за кого жестока битка водеа управите на Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Баерн и Ливерпул а на крај него го потпиша актуелниот европски шампион.

„За млад играч е многу важно да премине во клуб во кој може да направи голем чекор напред во кариерата. РБ Лајпциг е идеално место за тоа. Клубот не еднаш докажа дека играчите тука може да се развиваат и станат подобри“, изјавил Јошко на промоцијата.

Сајтот на Бундеслига го споредува Јошко Гвардиол со Давид Алаба (двајцата се левоноги стопери кои можат универзално да играат по цела лева страна).

И Јошко и Алаба се високи 185 сантиметри и не се габаритни тешкаши. Јошко може да биде и пробивен лев бек како Австриецот.

„Како помал многу го сакав Лео Меси ама сега повеќе ги следам играчите на моја позиција. Денес му нема рамен на Вирџил Ван Дајк“, вели Јошко чиј идол е холандскиот стопер од Ливерпул.

Како главен играч во одбраната Гвардиол го водеше Динамо Загреб во нокаут фаза од Лига Европа. Во 6 кола „модрите“ примија само 1 гол а синоќа и го совладаа богатиот Краснодар на гости 2:3.