Платини најави казна за сите

По неколкучасовен молк се огласи и претседателот на УЕФА, според кој и двете федерации ќе бидат одговорни за инцидентот. Во меѓувреме, српската полиција во Панчево го пронашла дронот и тој ќе биде проследен до органите на европската фудбалска унија.

Во текот на вчерашниот ден, УЕФА по итна постапка отворила службена дисциплинска постапка за инцидентите и прекинот, а белгискиот весник Дернијер ер објавил дека на српскиот сојуз му следува казна поради фрлањето пиротехнички средства и тврди предмети на терен, користење ласер, како и недозволено влегување на терен од страна на навивачите.

Од друга страна, албанската федерација се соочува со драстична казна поради одбивање да го продолжи натпреварот, и покрај инсистирањето на судиската тројка и делегатот, а казна ќе следува и за користење на политичка пропаганда за време на спортски манифестации.

Мишел Платини за францускиот канал ТФ1 изјавил дека „прекинот на натпреварот бил срамен“ и запрашал што ако на дронот место знаме висела бомба?

„Тажно е тоа што се случи и на целиот случај мора да му се пристапи со големо внимание, затоа што постои голема политичка напнатост и опасност од продлабочување на тензијата. Замислете што би било ако дронот пренесуваше бомба место знаме:“, изјави Платини за француската телевизија.

Според Марка, чуди одлуката УЕФА пред ждрепката за групите да ги одвои Русија и Грузија и Шпанија и Гибралтар поради политичка тензија, а истото тоа да не го стори за Србија и Албанија. Мислењето на Платини го дели и претседателот на ФИФА, Сеп Блатер кој вчера на својот Твитер профил напиша дека „го осудува срамниот прекин на натпреварот и дека фудбалот никогаш не смее да биде полигон за политичка пропаганда“.

Во меѓувреме, српската полиција утринава соопшти дека уапсила едно лице во Панчево, затоа што во неговата торба пронашле дрон за кој се смета дека е тој поради кој се прекина натпреварот. Лицето од албанска националност е приведено на сослушување.