Првиот фудбалер на светот кој ги освои сите најголеми трофеи

Шпанскиот репрезентативец Педро досега во кариерата со Барселона, Челси и Шпанија има освоено 25 трофеи меѓу кои и највредните во фудбалот, со што стана единствен во историјата.

Педро Елиезер Родригез Ледезма или скратено Педро има 31 година. Роден е во Санта Круз де Тенерифе на Канарските острови.

Фудбалската кариера ја започнува во анонимното клупче Сан Исидро од каде во 2004 година заминува во академијата на славната Барселона.

По одличните настапи за вториот и третиот тим на Барса, Педро на 12 јануари 2008 година дебитира за првиот состав, влегува во игра пред крајот од мечот против Мурсија (4:0).

За цели 9 сезони во каталонскиот клуб, Педро забележа 321 настап и постигна 99 гола. Со Барселона освои 5 титули во Ла Лига, 3 шпански Купа, 4 шпански Супер Купа, 3 трофеи во Лига на шампиони, 3 во Супер Купот на УЕФА и 2 пехари во Светското клупско натпрварување на ФИФА.

Со Челси ја освои Премиер лигата 2016/2017, ФА Купот и Лига Европа.

Како репрезентативец на Шпанија стана Светски шампион во 2010 година на Мундијалот во Јужна Африка и Европски првак на Европското 2012 во Полска и Украина.

Ова значи дека крилниот напаѓач во кариерата ги освоил сите најдрагоцени трофеи: Светско и Европско првенство репрезентација, титули во Лига на шампиони, титули во Лига Европа, во шпанска Примера и во англиска Премиер лига.

Ниту еден друг фудбалер не успеал да ги освои најдрагоцените 5 трофеи во светот на фудбалот.