Преживеан од авионската несреќа на клубот Шапекоенсе, сега преживеал и пад со автобус во провалија

Животот некогаш стварно пишува романи.

Пред извесно време, на 1 февруари пишувавме дека бразилскиот клуб Шапекоенсе обезбеди пласман во најдобрата бразилска лига, а сега стигнува нова вест поврзана со еден преживеан од авионската хаварија во ноември 2016-та.

Бразилскиот клуб во финишот на 2016-та година тргнал преку Санта Круз де ла Сиера (Боливија) до Колумбија за да го одигра мечот од финалето на Копа Судамерикана против Атлетико Насионал. Но на неколку километри пред крајната дестинација, по лоша проценка на 36-годишниот пилот кој решил да не дополнува гориво, авионот се урна.

Меѓу патниците, покрај фудбалерите, членовите на стручниот штаб и пријатели на клубот Шапекоенсе, имало и екипаж на авионот како и двајца други гости.

Во авионот бил и Боливиецот Ервин Тумури кој заедно со уште други пет лица успеал да го преживее страшниот пад. Преживеаа и тројца фудбалери меѓу кои и бекот Алан Рушел кој херојски го предводеше Шапекоенсе пред 1 месец до промоција во прва лига.

Преживеаниот Боливиец Ервин Тумури сега е на насловните страни на повеќе светски медиуми, затоа што во вторникот останал жив после страшна автобуска несреќа во Боливија во која загинале најмалку 21 лице откако автобус се струполил во провалија длабока 150 метри.

Несреќата се случила во месноста Кањадон во Коломи, провинција Кочабамба и уште не е познато дали дошло до пад во провалија поради невнимание на возачот или поради временските услови.

Ервин Тумири бил воздухопловен техничар на авио-компанијата ЛаМиа (венцеуелско-боливиска чартер лет компанија) кој во 2016-та година успеал да се извлече од страшната несреќа со авионот во кој се возеше клубот Шапекоенсе.

Сестрата на Ервин Тумири, Лусиа Тумири рекла дека нејзиниот брат не е во животна опасност откако повторно преживеал хаварија и ова е настан кој може да се смета за чудесен: „Стабилен е, фала му на Бога, уште еднаш се спаси. Зборував со него и ми кажа дека сè е во ред. Со верба во Бога, тој секогаш се грижи за нас и е вечен“.

А се огласил и самиот Ервин:

„Лазев како мачка, страшно ме болеа колената“, рекол Тумири кој овојпат бил еден од 30-те преживеани во автобусот и кој уште еднаш на чудесен начин се спасил од речиси сигурна смрт.

3 март 2021 - 15:48