Пред 15 години татко му на Перишиќ го пратил Иван во Сошо за да спаси фарма со пилиња

Хрватска стана светски вицешампион на Мундијалот 2018, а во генерацијата играа фудбалери чии животни приказни се фантастична подлога за добри филмови. Најмногу внимание би привлекол оној за животот и кариерата на Иван Перишиќ.

„Од смрт го делеа десет сантиметри“, ја споделил најстрашната драма во животот таткото на Иван Перишиќ, денес фудбалер на Баерн Минхен кој ќе игра за влез во финале на Лига на шампиони.

Анте Перишиќ е висок човек со широки раменици, со самоуверен изглед, но тој ден во 1999-та година крвта му се замрзнала.

Иван имал 10 години кога со другарите трчал по едно градилиште во куќата. Работниците надолу фрлале тежок шут, стакла, цемент и алати. Неколку елементи полетале право кон малиот кој во последен момент за секунда успеал да ја тргне главата и го удриле во грбот.

Анте Перишиќ денес живее во Загреб и често дава интервјуа за син му. Никогаш не пропушта прилика да ја спомне за среќа избегнатата трагедија од детството на син му.

Иван последните 10 години живеел во Белгија, Италија и Германија но никаде не зборувал подробно за татко му. Иако татко му прави како ништо да не е меѓу нив, сепак тој има сложен и тежок однос со син му. А се почнало пред 15 години.

***

Иван Перишиќ е роден во Омиш, еден од најубавите приморски градови во Хрватска, на самиот состав на реката Цетина со Јадранското море. Околу 6.000 луѓе во Омиш живеат во стари камени градби во шумите, од кои некои датираат уште од пиратските замоци пред многу векови.

Во таа средина татко му на Перишиќ решил да изгради живинарска фарма и да почне бизнис. Син му на 5 години му помогал на татко му да ги храни кокошките а во слободно време играл фудбал со другарите.

Кога пар пати не дошол на фудбал поради обврски со кокошките и петлите, другарите го нарекле „Кока“ (од кокошка). Прво многу се лутел ради прекарот па на едно дете му го повредил носот, но прекарот му останал и Перишиќ го прифатил.

Малиот Иван уште од 10 години почнал да тренира во локалниот фудбалски клуб и брзо се видело дека е побрз, потехнички поткован и поталентиран од врсниците. Родителите размислувале да го пратат во поголема фудбалска академија, но фармата не само што не носела приходи, туку и немале доволно за нормален живот.

Така во 2000-та година Анте Перишиќ решил: продал дел од машините за да го прати син му во Сплит (на 25 километри од Омиш) и да плаќа за патни трошоци и опрема за тренинг.

Иван бил пресреќен што ќе тренира во најголемиот клуб во Далмација. На 17 години станал главен играч на младинците и брзо го прекомандувале во прв тим каде веќе цар бил Нико Крањчар, бисерот на хрватскиот фудбал.

Во тоа време на Перишиќ-постариот му се јавиле проблеми со бизнисот, земал два кредити за нови машини но ни тоа не му помогнало па брзо го баталил бизнисот.

Кога Анте паднал во очај и изгубил надеж, посакал да го спаси бизнисот преку грб на син му. Уште на 16 години Иван влегол во тефтерите на скаутите на Ајакс, Хамбург и Андерлехт, а на 17 години во Хајдук Сплит на „Пољуд“ стигнал факс со понуда од 360.000 евра од француски Сошо (на препорака на Мехмед Мешо Баждаревиќ кој беше играч па скаут во Сошо и едно време селектор на БиХ)

А во тој момент Иван Перишиќ бил толку вљубен во Хајдук што просто не сакал да слушне ни за интересот од Ајакс, ни за парите што го чекаат во богатиот Сошо. Но го интересирале Анте, Перишиќ постариот.

Тој му се јавил на син му, ништо не му објаснил и му кажал дека треба неодложно да се пакува и дека ќе одат во Франција. Во летото 2006-та Перишиќ бил на подготовки со Хајдук во Словенија и се спремал за новата сезона, но во местото Ресник стигнал приватен авион и Сошо го однел Перишиќ на потпис во Франција.

„Тоа беше тешка одлука, но за семејството најдобро беше Иван да замине во Сошо. Јас сакав да го оддалечам од мене и моите мачења. Условите во Сошо беа каде-каде подобри, Иван доби голема плата. Сакам да кажам еднаш засекогаш дека не е вистина дека Хајдук не го препозна талентот на Иван. Напротив Иван беше спремен за лидер на Хајдук таа сезона и покрај возраста. Но јас добив понуда од Сошо, тој замина за да ја спаси живинарската фарма“, објаснува татко му на Перишиќ зошто Хрватска не ја напуштил само Иван туку и сестра му и мајка му заедно со него.

Трансферот на Перишиќ го реанимирал бизнисот но само на две години. Анте банкротирал а фармата му ја размонтирале. Сајтот за хрватските земјоделци agroklub.com пишал дека непознати сторители украле техника вредна околу 600.000 куни (околу 80.000 евра). Кредиторите го дале Анте на суд, а и односите со жена му станале напнати па таа побарала развод на суд.

За семејството тоа било многу ужасно време дури и откако Иван потпишал во Сошо и заработувал многу. Иван до 20 години бил во овој француски клуб и ниеднаш не заиграл за прв тим. Перишиќ самиот во интервјуа вели дека не сака да се сеќава на тоа време, но дека и натаму сака да најде нешто добро во тоа.

„Многу тешко прашање е како е се најдов во Сошо така млад. Прво дури не знаев ни зошто одам во Франција, имав само 17 години. Сфатив после неколку години. Не сакам да зборувам за тоа, но јас 2,5 години живеев во Франција и учев јазик“.

Во 2009-та година Сошо го пратил Перишиќ на позајмица во белгиски Роселар во втора лига. Промената добро му дошла а наскоро неговиот талент го препознал трофејниот Бриж (го купија во 2009-та за само 200.000 евра) каде Перишиќ за 2 сезони постигна повеќе од 30 гола и стан најдобар играч. Во таа фудбалска средина го привлекол вниманието на Борусија Дортмунд и така започна неговата сјајна кариера во големите лиги.

Голема трага остави и во Волфсбург и во Интер од каде се пресели во славниот Баерн Минхен.

Во меѓувреме татко му на Перишиќ се преселил во Загреб и одново почнал да одгледува пилиња. Во 2014-та година раскажал за Слободна Далмација дека бизнисот шкрипи но благодарение на син му се држи и има потенцијал да стане успешен.

„И сега имам проблеми но не се жалам, се борам да ги решам. Можам да се жалам дека луѓе ми должат и ме измамија за големи пари но не сакам, не сум таков човек. Самиот сум крив за се што ми се случи во бизнисот. Не обратив внимание на некои ситуации и со години страдав. Но затоа тоа доаѓа полека до крајот, се треба да се реши во најскоро време“, нејасно раскажувал Анте Перишиќ.

Друг хрватски медиум, Jabuka.tv во 2018-та година пишувал дека и покрај помошта за татко му, Перишиќ нема добар однос со Анте. За тоа знаат и сите жители на Омиш. Но тоа не му ја прекинало љубовта на Перишиќ кон родниот крај. На десната нога ја насликал црквата во родниот град.

Претходно на тоа место имал тетоважа кокошка со фудбалска топка

Вечерва на 19 август 2020 година ќе игра за пласман во големото финале на Лига на шампиони. Како играч на славниот Баерн ќе се бори со француски Лион. Некаде стотици километри подалеку од Лисабон, сигурно ќе го гледа татко му Анте.