Последната сезона на Лацио во ЛШ кога Пандев три пати го матираше Касиљас

ЛШ вечерва стартува со групна фаза, а една од екипите во фокусот е Лацио од кој УЕФА направи компилација со врвни голови на многу легендарни имиња. Меѓу голчиштата на Верон и Михајловиќ се наоѓа и Горан кој го фрли во делириум Олимпико против гигантот од Мадрид.

Лацијалите прават кам бек во Лига на шампиони по пауза од 13 години, сезона во која магијата на најелитното клупско натпреварување за прв пат ја почувствува нашиот капитен.

Под водство на Делио Роси, Лацио не успеа да ги израдува навивачите со пласман во следна фаза и во конкуренција на Реал Мадрид, Олимпијакос и Вердер заврши последен во групата со 5 бода.

Но Пандев индивидуално мина славно во својата деби сезона во ЛШ и беше главен протагонист во тимот со 4 гола. Еден постигна дома против Олимпијакос, еден на Бернабеу, но најпознати и најповторувани му се оние два дома против Реал.

Кралевите беа фаворити на хартија со играчи како Снајдер, Робен, Игуаин, Рамос, Канаваро, но Струмичанецот експлодираше на тој меч и со два дрски погодоци не му дозволи на Реал да си оди со победа. И Руд ван Нистелрој даде два, но сите ги величаа двата на Пандев

Прво на Холанѓанецот му одговори во 32-ра минута со прекрасен волеј за 1:1, а во 75-та минута имаше маестрално решение по земја, на кое немаа одговор ни Рамос ни Касиљас.

Двата гола на Олимпико

Погодокот на Бернабеу за конечни 3:1 за Реал

И голот над Олимпијакос по кој Грците изненадија со два, а конечните 1:2 ги постави Дарко Ковачевиќ.

Компилацијата на УЕФА со голчишта на Верон, Креспо, Лопез, Михајловиќ, Муци, Пандев...

Инаку Лацио под водство на Инѕаги кој минатата сезона ја заврши со импресивни резултати, рекорди, трофеј во Супер Купот над Јуве и враќање во елитата, вечерва со почеток од 21:00 часот стартува против Борусија Дортмунд. Другите два противника им се Зенит и Клуб Бриж.

20 октомври 2020 - 13:43