Поради фаулот врз Ројс, на тренинг оди со обезбедување

Германскиот репрезентативец и член на Борусија Дортмунд заврши со фудбал за 2014-та, а членот на Падерборн, Марвин Бакалорз поради тоа се соочува со критики, навреди и смртни закани.

Фудбалерот на дебитантот во Бундес лигата, минатото коло во еден дуел со Марко Ројс се обиде со лизгачки старт да му ја земе топката, но му направи груб фаул, а потоа се испостави дека Ројс има скинати лигаменти.

Несмасниот потег, Бакалорз го плаќа со огромен медиумски притисок и закани од страна на навивачите на Борусија. Тие играа заедно за „Милионерите“ пред две сезони.

„Лошо се чувствувам, Ројс ми е пријател и не сакав да го повредам. Се работи за многу добар човек, кој веднаш ми го прифати извинувањето.“

По завршувањето на мечот, Марвин беше испратен дома со обезбедување, а од тогаш ниту еднаш нема отидено сам на тренинг. Стравот од навивачите е уште поголем, бидејќи Падерборн е оддалечен само 100 км од Дортмунд. По една недела се обрати преку Фејсбук:

„Гледате сите што ми прават медиумите. Не сакам да коментирам. Нема да го сменат мојот начин на игра, играм во среден ред и за да украдам некоја топка, треба да стигнам прв. Експертите по фудбал и колегите ми даваат поддршка, но медиумите и навивачите не разбираат некои работи“, вели Бакалорз.

На негова страна е и тренерот.

„Не е фер еден фудбалер да се соочува со толкави критики и навреди. Тој направи само два фаули на цел натпревар. Сите сме со него во клубот, а исто така и нашите навивачи. Се чувствувам лошо поради Марвин, бидејќи не може секој да поднесе толкав притисок. Јас сум од Хановер и сум емотивно поврзан со некои претходни трагични настани во минатото“, изјави Андре Брајтенрајтер.

Тој се осврна на голманот на Хановер кој пред пет години страдаше од депресија и откако не го издржа притисокот, се самоуби.

Стартот врз Ројс

28 ноември 2014 - 17:32